Струга по 54. пат беше претстолнина на поезијата, а фестивалот се одржуваше во Домот на поезијата и на други отворени сцени во Струга.
Истовремено поетски читања – „Поезија на пат” – имаше и во Охрид, Ресен, Битола и Скопје.
Фестивалот почна со традиционалното читање на Константиновата „Т’га за југ” и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата. Во Паркот на поезијата лауреатот, добитникот на највисокото признание „Златен венец”, кинескиот поет Беи Дао посади дрвце.
Се одржа и меѓународното поетско читање „Поетски меридијани” како и традиционалните „Ноќи без интерпункција”.
Во чест на јубелејот „50 години Златен венец” имаше поетски портрет и на либанскиот поет со сириско потекло Адонис, лауреат на Струга од 1997 година.
Струшките вечери на поезијата се голем триумф на македонската култура и традиција која несомнено на еден благороден начин го збогатува европскиот и светскиот културен простор, оцени министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Струшките вечери на поезијата, според министерката, несомнено се еден искрен придонес на нашата држава во заемното запознавање и почитување на културите и градењето на новата димензија на пријателството меѓу народите во светот.
Оваа манифестација, преку која одекнува полифоничноста на поетскиот збор, е најголем афирматор на поетските вредности на сите светски јазици, но и на универзалниот сон на човештвото кој едноставно вели дека историјата ја уништува идејата за вечноста, а поезијата може да го спаси светот – истакна Канческа-Милевска.
Кинескиот поет и годинашен лауреат на “Златниот венец”, Беи Дао, беше претставен со неговиот грандиозен, планетарно распослан поетски опус кој на сите јазици оставил длабоки траги во светската поетска мисла.
Делата на овој автор, неговата страствена и сугестивна поезија е автентична и исклучително богата и во оваа смисла, слободно можеме да забележиме дека Беи Дао е исклучителна појава во светската поетска историја, поетски глас на една генерација на автори кои одбележаа значајна епоха од развојот на светската литература – стои во образложението на наградата. “Златниот венец”, по традиција, јавно беше доделен на последната вечер од Фестивалот, на манифестацијата “Мостови”
Раководството на Струшките вечери објави дека од востанувањето на фестивалот до сега, во Македонија дошле над 5.000 поети од сите светски меридијани кои со својот поетско – уметнички чин искрено и трајно се вградија во реномето на оваа меѓународна манифестација.
На 54. Струшки вечери на поезијата годинава учествуваа 44 поети од 29 земји. Присутни беа имиња од современиот поетски свет од Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија, САД, Либан, Мексико, Молдавија… (“Телеграф.мк”)
Беи Дао, лауреатот на СВП: „Златниот венец” за мене е особена чест, не верував дека ќе го добијам!

Македонија, како една дамнешна земја претставена со нејзиниот јазик, кој не е многу распространет низ светот, сепак опфаќа и организира ваква престижна поетска манифестација со половинавековна традиција, како Струшките вечери на поезијата, истакна лауреатот на 54. издание, кинескиот поет Беи Дао.
Беи Дао пред 12 години бил учесник на фестивалот, а добивањето на ова значајно признание за него е многу важно.
Чуството на среќа претставува еден вид слабост на човекот кога ќе добие ваква престижна награда. Јас не верував дека ќе го добијам „Златниот венец” што ми претставува посебна чест како поет. Посебно ми е чест што признанието претставува врска меѓу поетот и неговото творештво, рече Беи Дао.
Беи Дао е 50-ти јубилеен добитник на признанието „Златен венец” на Струшките вечери на поезијата.