Педесет и петтите Струшки вечери на поезијата започнаа со традиционалното читање на Константиновата „Т’га за југ” и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, а по официјалното отворање од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорот на СВП, Мите Стефоски, продолжи со Меѓународното поетско читање „Поетски меридијани”.
“Веќе 55 години поетската Струга е дом на најголемите бардови на светската поезија кои, низ нивните автентични поетики, изградија мостови меѓу поезисот на цивилизациите, мостови меѓу сегашноста и иднината”, рече министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска на свеченото отворање. Министерката додаде оти Струшките вечери на поезијата се голем триумф на македонската култура и традиција.
“На еден благороден начин го збогатуваат европскиот и светскиот културен простор, ги афирмираат поетските вредности на сите светски јазици и го глорифицираат универзалниот сон на човештвото, кој вели дека поезијата ќе го спаси Светот”, истакна Канческа – Милевска.
Годинашната добитничка на највисокото фестивалско признание „Златен венец”, канадската романсиерка, поетеса, книжевна критичарка и активистка Маргарет Атвуд преку видеопорака се заблагодари за наградата. Изрази жалење што не може да присуствува, но рече дека духовно е со нас и се заблагодари што нејзината поезија е преведена на македонски јазик.
На јубилејните 55. Струшки вечери на поезијата учествуваат 32 поети од 30 земји. Присутни се поети од соседството, Италија, Австралија, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Белгија, Израел, Унгарија, Кина, Калифорнија, Мексико, Шпанија, Франција, Ирска и Индија.
Поезија во Ресен и Охрид
Во програмата на фестивалот е симпозиумот „Изгубено-најдено во преводот” со портрет на Руна Светликова, добитничката на наградата „Мостови на Струга”, која СВП и УНЕСKО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга, а поетски портрети имаа и други учесници на фестивалот.
Во „Пијано барот” во хотелот „Дрим” се одржа Вечер на современата австралиска поезија. Во рамките на циклусот Поезија на пат, манифестации се случија и во културниот центар „Драги Тозија” во Ресен и во Kуќата на Уранија во Охрид.
В неделата беше прогласена најдобрата песна посветена на виното (In Vino Veritas) и манифестацијата „Мостови” на која, со меѓународно поетско читање, свечено беа врачени фестивалските награди.
Фестивалот заврши во понеделникот со поетското матине на Матка и меѓународниот поетски митинг на Kамениот мост во Скопје.