На брегот на Охридското Езеро, на мостовите на Дрим во Струга, за време на викендот, по 56-ти пат се одржаа Струшките вечери на поезијата. Оваа светски позната манифестација започна со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата, веднаш до Домот на културата.
По читањето на “Т’га за југ”, министерот за култура Роберт Алаѓозовски го означи почетокот на фестивалот. Меѓународното поетско читање „Поетски меридијани” го почна годинашниот добитник на „Златниот венец”, Чарлс Симиќ, со песната „Месарница”. Покрај 27-те поети-гости од светот, настапи и Иван Џепароски, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци” за ланската, 2016 година.
“Неруда, Гинзберг, Монтале, Конески, Бродски, Максимовиќ, Ружевич, Пачеко, Сангвинети, Бонфоа, Мервин, Дарвиш, Арапи, Маргарет Атвуд, годинашниот лауреат Чарлс Симиќ,…, се само дел од великаните на поезијата што оставија печат на оваа манифестација и на светската книжевност воопшто, печат што претставува голема чест, но и обврска за сите нас да продолжиме да ги шириме тие хоризонти”, рече министерот Алаѓозовски во обраќањето.
Напоменувајќи дека нема да дозволи естрадизација на фестивалот, тој најави нов пристап, надвор од очекуваните димензии, со високи естетски критериуми и критичен осврт кон состојбите во општеството и уметноста, пристап, кој, како што истакна, ќе има силна едукативна димензија, ќе ги промовира културните богатства, различностите и мултикултурализмот и ќе создава простори за партиципативност и интеракција меѓу уметниците и публиката.
„Струшките вечери на поезијата ќе ја имаат целосната и безрезервна поддршка во оваа насока, да чекорат цврсто и храбро и преку моќта на зборот, постојано да ги предизвикуваат, отвораат и изоструваат нашите можности, перцепции и хоризонти зашто овој фестивал, со сета своја историска тежина и традиција, заслужува да биде носител на визиите и погледите на уметноста кон нашата подобра, заедничка иднина”, истакна министерот.
Струшките вечери на поезијата годинава траеја до 28 август, понудувајќи богата програма. Покрај поетските читања, се одржаа симпозиуми, средби со издавачи, портрети на годинашните лауреати. И оваа година на локации покрај Охридско Езеро се одржаа музичко-поетските „Ноќи без интерпункција” како и пиењето кафе во манастирот Калишта. Неизбежен беше и излетот на изворите на Црн Дрим кај Свети Наум.
Традиционално, фестивалот во Струга заврши со поетската манифестација „Мостови на Струга” и врачување на фестивалските награди на годинашните добитници.
Од понеделникот, 29 август, таа се пресели во Скопје каде што имаше “Поетско матине” на Матка, а вечерта и Меѓународен поетски митинг на плоштадот „Македонија”.
Добитникот на наградата „Златен венец” е роден во Белград во 1938-ма година. Тој е еден од најзначајните современи американски и светски поети и есеисти. Поезија почнал да пишува во средно училиште, а на неговите поетски почетоци влијаеле американските поети Волт Витман, Емили Дикинсон, Волас Стивенс.
Искусните љубители и проучувачи на поезијата велат дека неговата поезија се одликува со впечатлива концизност, со истенчен слух за ритам, со зачестено користење на римата, асонанцата, синтаксички паралелизми…
Нови членови во Управниот одбор на „Струшки вечери на поезијата”
Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, донесе одлука за именување на нови членови во Управниот одбор на Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата”.
Како членови на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата од редот на истакнати уметници и културни работници се именувани проф. д-р Елизабета Шелева (претседател на Управниот одбор), Лидија Димковска и Димитрие Дурацоски.
Именувањето на Шелева дојде откако младиот (за некого фејсбук поет) Дарко Лешовски се откажа од тоа место поради големите реакции во јавноста.