Со концерт на култниот американски џез квартет „Форплеј”, придружуван од Македонската филхармонија под диригентство на Емин Џијан, што се одржа на Античкиот тетар, започна 57-то издание на најпрестижната музичко-сценска манифестација во земјата – фестивалот „Охридско лето”.
Ова е за првпат фестивалот да биде отворен со џез концерт. Во наредните 40-ина денови, до 20 август, културните настани ќе се одвиваат под мотото „Патот на магијата”.
Фестивалот за отворен го прогласи неговиот покровител – претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој истакна дека зачекорувањето на патот кон магијата е, всушност, чекорење по патот кон моќта.
– Но тоа не е онаа себична моќ да се доминира и контролира, туку алтруистичка моќ да се креира и споделува. Тоа е моќта на уметноста. Веќе 57 години фестивалот „Охридско лето” е дел од нашиот пат кон моќта на уметноста. По тој пат секоја година минуваат бројни уметници од Македонија, Европа и светот, кои несебично ја споделуваат својата креативност и го задоволуваат нашиот длабок копнеж по убавина, добрина и слобода. Оттука, нема подобар начин да го започнеме нашето патување освен преку џезот, чие второ име е слобода – рече претседателот Иванов.
Фестивалската порака ја кажа актерот Мето Јовановски:
– Нека овој сценски простор биде духовен светилник од кој зрачи убавото, нека бидат благословени сите кои ќе настапат во овој свет храм над кој што бдее св. Климент Охридски.
Симболично, за 57-годишнината од “Охридско лето” ќе се одржат и 57 културни настани.
Оливер Арсовски: Охрид деновиве ќе биде светско духовно пристаниште
– Голема е возбудата, но и обврската да се реализира годинашното издание на „Охридско лето”, кое ја носи тежината на 56 успешни години, со целокупната програма која изобилува со врвна уметност и атрактивни содржини – изјави директорот на Фестивалот, Оливер Арсовски.
Тој нагласи дека целиот тим ќе работи во насока фестивалот од 12 јули до 20 август да биде духовно пристаниште, кое низ уметноста ќе ги обединува луѓето и народите, нивното наследство, но и нивната иднина.
– Од ова издание одиме со нов дизајн, лого и нов правец во уметноста. Исто така, како новина се џез вечерите на 19, 21, 22 и 23 јули. Во програмата имаме 33 врвни концерти, 9 театарски претстави, филм за охридскиот бисер, изложба на Драган Спасески Охридски, една целокупна програма која изобилува со врвна уметност и атрактивни нови содржини – потенцира Арсовски.
Директорот на фестивалот, Арсовски, уверува дека со секој настан на ова 57. издание ќе се потврдува големината на манифестацијата, која по традиција нуди врвна и незаборавна уметничка програма.
Драмскиот дел на Охридско лето го отвoри сараевската „Жаба”
„Камерниот театар 55″ од Босна и Херцеговина во предворјето на црквата “Св. Софија” ја изведе театарската претства „Жаба”. Оваа култна претстава една деценија ги полни театрите ширум бившите југословенски простори, а изведби имаат и во Европа. Како што нагласи драмскиот селектор на Охридско лето, Зоран Љутков, оваа претстава досега имала вкупно 233 изведби.
„Веројатно е многу интересно да бидете дел од еден проект кој што опстојува 10 години на својата сцена. Јас најголемиот максимум што сум го имал во една претстава е некаде околу 100 изведби, со траење од 6 години”, рече Љутков.
Емир Хаџихафизбеговиќ, директор на камерниот тератар и еден од 4-те ликови во претставата, во најавата рече дека Македонците имаат еден од најдобрите театри во Југоисточна Европа и чест му е што за прв пат ќе се претстават на еминентниот и брендиран фестивал Охридско лето. Претставата „Жаба” е локална сараевска приказна, но исто така и универзална бидејќи се однесува за сите луѓе од денешницата, време на неразбирање, осаменост и потрага по љубовта и смислата на животот, вели Хаџихафизбеговиќ.
Автор на претставата „Жаба” е Дубравко Михановиќ, а режијата е на Елмир Јукиќ.

