75 Години на македонската заедница во Западна Австралија

НА ПРОСЛАВАТА ДОЈДОА ПРЕМИЕРОТ И ЛИДЕРОТ НА ОПОЗИЦИЈАТА
Нашата заедница во Западна Австралија во саботата одбележа 75 години од своето формирање во далечната 1941 година. Македонската заедница во Перт има можеби најдолг континуитет и е користена за пример на создавање на останатите организации низ Австралија.

Прославата беше одржана во Центарот на Македонската заедница за Западна Австралија и Македонското место во Северен Перт. Помеѓу видните гости беа забележани премиерот на Западна Австралија, Колин Барнет и лидерот на опозицијата Марк Мекгован, претседателот на парламентот на ЗА, Мајкл Садерланд, парламентарците Тони Крстичевиќ, Крис Хатoн и Алиса Хејден, претставници од градот Перт и општините Винсент и Стирлинг. Присутни беа и претставници од македонските православни црковни општини: “Св. Никола” –Перт, “Св. Ѓорги” и “Пресвета Богородица” – Мелбурн, “Св. Кирил и Методиј” и “Св. Никола” – Сиднеј, “Св. Димитрија Солунски” – Волонгонг и “Св. Наум Охридски” – Аделаид.
Голем број на истакнати активисти беа забележливи оваа вечер: Љупчо Стефановски, Давид Танчевски, Фоте, Лозенковски, Крис Ангелков, Мајкл Радин, Мирчо Ангеловски, Џорџ Велкос, Џон Бранов, Игор Аврамовски, Јоте Ќандовски, Миле Терзиовски итн.
Премиерот Барнет изјави: “Што се однесува до владата на Западна Австралија, ние секогаш ќе се обраќаме до Македонија како Република Македонија”.
Лидерот на опозицијата Мекгован пак рече: “Македонците и Република Македонија имаат богата историја и културно наследство, од времето на Александар Македонски до партизанскиот отпор во Втората светска војна. Приговорите за нивниот идентитет се безобразни и навредливи”.
Честитки за македонската заедница од Западна Австралија, бидејќи се можеби единствени кои денеска можат да бидат почестени со присуство на највисоките политичари и удостоени како рамноправни. Негувајте го единството, бидете горди на секој постигнат успех заедно. Вашето опстојување и долгогодишната работа е голем успех за Македонија и македонскиот народ.

Останати вести