Бројот на новорегистрирани инфицирани од коронавирусот во Македонија и натаму е многу висок. Во понеделникот и вторникот имаше по околу 130. Во изминатите седум дена просечно имаше и по 5 починати.
Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека земјата се соочува со силен бран на ковид-19, но охрабрува тоа што голем дел од случаите се асимптоматски или со лесна клиничка слика. Во болница се 14% со полесни и потешки форми, а 86% се асимптоматски и се лекуваат дома.
– По олабавувањето на рестриктивните мерки во сите земји се регистрираат нови случаи, така е во Албанија, во Косово, Црна Гора, Хрватска и Србија. Телефонски разговарав со министрите за здравство во Албанија и Бугарија и укажуваат на нови случаи за да споделиме нови искуства, појасни министерот Филипче.
Исполнет капацитетот на “8 Септември”, донесени 56 медицинари од внатрешноста на помош
Од Градската општа болница „8 Септември” во Скопје беше упатен апел за одмена и помош на персоналот, со оглед на тоа што овој болнички капацитет е исполнет. Таму се се хоспитализирани 113 болни од ковид-19, а на Инфективната клиника 95 пациенти. Во „8 Септември” на респираторна машина се 10, а со потешка клиничка слика се уште 21 пациент. На Инфективната клиника на кислородна поддршка се 37 пациенти, но нема ниту еден на респиратор.
Министерот Филипче објави дека 56 лекари и сестри од внатрешноста се префрлени во Скопје за одмена и помош на истоштениот персонал.
– Во изминатите денови ги засиливме со кадар и двете главни болници каде се лекуваат пациентите со ковид-19. На Инфективната клиника дојдоа пет доктори, тројца од клиниките за кардиологија, за ендокринологија и од Институтот за туберкулоза, еден доктор од Клиничката болница во Тетово и еден од Општата болница во Охрид и вкупно 27 медицински сестри од Специјалната болница Јасеново и болниците во Кавадарци, Кочани и Кичево. Во ГОБ “8 Септември” тимот е зајакнат со 6 доктори, двајца од клиниките за ревматологија и нефрологија, двајца доктори од Кичево и по еден доктор од Отешево и болницата во Гостивар. Дојдоа и дваесет медицински сестри од Струга, Велес, Отешево, Гевгелија и Специјалната болница Лешок, рече министерот Филипче.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 26 пациенти. Во болницата во Штип има 18 хоспитализирани пациенти, а во другите одделенија во државата вкупно 66 пациенти.
Монтажната болница до Инфективната клиника во Скопје стои на располагање и ќе биде употребена веднаш штом се појави потреба за користење на овој простор. Има капацитет од 70 болники кревети. Неа ја изгради велешката компанија „Брако” за само 14 дена, а за нејзината изградба швајцарската влада донираше 200.000 швајцарски франци.
Дополнително на ова, на располагање се и други болнички капацитети во државата коишто се во добра состојба и се спремни да бидат ставени во функција по потреба, на барање на Комисијата за заразни болести.
Според министерот Филипче, една третина е полн капациетот на болницата во Охрид, половина е искористен капацитетот во Тетово и во Штип, а празна е болницата во Кавадарци, која исто така може да биде регионален центар.