Врие во прифатниот камп за бегалци и мигранти во Гевгелија. И покрај дождливите денови и ноќи, долги колони пристигаат на македонско-грчката граница, при што во големи групи се пропуштаат до транзитниот центар во интервали од 15 минути. Официјална бројка нема, бидејќи македонската полиција не успева да ги регистрира сите. Но волонтерите од кампот велат дека дневно минуваат и до 9 илјади мигранти!
Токму за да не се создава гужва, голем дел од бегалците само се пропуштаат без да им се издадат потврди за барање азил, туку директно се транспортираат до Табановце. Бегалците плаѓаат билет од 25 евра за човек, без разлика дали патуваат со воз, автобус или со такси. Таксистите реагираат дека полицијата не им дозволува да ги пренесуваат мигрантите без потврди, нив ги упатуваат само кон железничката или автобуската станица на мостот Сува Река.
Иако луѓето не се задржуваат долго во прифатниот камп кај Гевгелија, за активистите од хуманитарните организации има полни раце работа. Ги санираат површинските повреди, делат храна, облека и средства за лична хигиена, но и ги забавуваат најмалите. Медицинските екипи на Црвениот крст дневно имаат и по 500 интервенции.
Минатата седмица во Македонија се породија уште две жени од Сирија, но низ земјата транзитираат и скоро родени деца, како малиот Рамиз кој има само 15 дена.
Според грчки извори, напливот на бегалци ќе продолжи со зголемени бројки. Кај јужниот сосед се слушаат и поплаки дека, на пример, на островот Лезбос (каде има собирен центар за бегалците) веќе нема место каде да се закопуваат починатите мигранти.
Инаку засега нема застој ниту на границата со Грција, ниту во транспортот до Србија.