И ова лето, 2026 година, Волино повторно оживеа со доаѓањето на печалбарите кои традиционално се враќаат во родното село за да го поминат летниот одмор со своите семејства и пријатели.
Почетокот на јули вообичаено е исполнет со бројни културни, музички и спортски настани, а посебно место меѓу нив има популарната „Волинска регата“, која се одржува по течението на реката Сатеска сè до водите на Охридското Езеро.

Главен организатор на оваа веќе традиционална манифестација е иселеникот Саре Мочароски, кој со години живее и работи во Соединетите Американски Држави. Овогодишната регата го одбележи својот мал јубилеј – 15. издание, а по тој повод организаторот ги почести сите учесници со пијалак по нивен избор.
Летово во Волино пристигнаа печалбари од повеќе земји. Од САД има гости од Њу Џерси, Гери (Индијана) и Алјаска, пристигнаа и иселеници од Швајцарија и Италија, а како и изминатите години, најбројни се Македонците кои живеат во Австралија.
Со нивното присуство, Волино повторно доби живост, исполнувајќи ги улиците со детска смеа, семејни средби и пријателски дружења – потврдувајќи дека љубовта кон родниот крај никогаш не згаснува.
Фотографиите се на Трпе ТРПОСКИ