Со голема радост и гордост Македонската православна заедница во Австралија ја пречекува веста дека Хорот при МПЦ „Св. Петка“ – Рокдејл ќе настапи во престижната Концертна сала на Сиднејската опера. Македонскиот хор ќе биде специјален гостин на јубилејниот концерт ROMCA Anniversary X, со кој се одбележува 10-годишнината од основањето на Рускиот православен машки хор на Австралија (ROMCA).
Настапот претставува значаен културен настан и особена чест за македонската заедница, бидејќи ќе биде можност македонската православна духовна и музичка традиција да биде претставена на една од најпрепознатливите концертни сцени во светот.
Јубилејниот концерт на ROMCA ќе се одржи во недела, 6 септември 2026 година, со почеток во 17 часот, во Концертната сала на Сиднејската опера. Под диригентство на основачот на хорот, Нектари Котлароф, концертот ќе понуди богата програма посветена на православната духовна музика, словенското културно наследство и врвната хорска уметност.
Во рамките на програмата ќе настапи и специјално составениот оркестар ROMCA 10 Year Anniversary Orchestra, составен од истакнати австралиски музичари, кој ќе ја изведе величествената „1812 Увертира“ од Петар Илич Чајковски. Публиката ќе има можност да слушне и “а cappella” дела од познатите композитори Чесноков, Гречанинов, Рахманинов и Касталски, како и премиерна изведба на традиционални народни песни во нови аранжмани на современиот австралиски композитор Бен (Венхао) Фан.
Покрај ROMCA, на концертот ќе настапат Македонскиот хор при МПЦ „Св. Петка“ – Рокдејл, Антиохискиот православен машки хор и Српскиот православен хор „Св. Лазар“, со што вечерта ќе прерасне во голема прослава на верата, духовноста, културното наследство и музиката на православните заедници во Австралија.
За Хорот при МПЦ „Св. Петка“ – Рокдејл, овој настап е повеќе од музички концерт. Тој претставува можност македонската песна, православната духовна традиција и македонското културно наследство да одекнат во еден од најзначајните културни центри во Австралија.
Од МПЦ „Св. Петка“ ги повикуваат сите парохијани, пријатели и припадници на македонската заедница да им се придружат на оваа посебна вечер и со своето присуство да го поддржат македонскиот хор воКонцертната сала на Сиднејската опера.Овој настан нека биде уште еден убав пример за силата на македонската духовна и културна традиција и нејзиното место во богатото мултикултурно општество на Австралија.