Туризмот „вергла во место“, ама Владата е задоволна

Заклучно со август постигнат е приоритетот на Владата во делот на туризмот за 2026 година да имаме еден милион туристи и близу три милиона ноќевања. Што значи дека предвреме ќе ја постигнеме целта којашто сами си ја зададовме на почетокот на годината, се пофали премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го последнте податоци на Државниот завод за статистика за растот на туризмот.

Тој појасни дека заклучно со месец август има блиску до еден милион туристи, некаде околу 980.000 и околу 2.730.000 преноќувања.

– Но она што повеќе ме радува е навистина големиот бум кој што се случи во летните месеци јули и август и кој што траеше и месеците потоа. Во август бројот на туристи од странство, споредено со истиот месец минатата година, е поголем за 11.1%, а бројот на преноќувања е за повеќе од 20% поголем. Што претставува навистина нешто кое што сите нас пријатно нѐ изненади, но и потврда на заложбите на Владата да ги промовира туристичките потенцијали на земјата и на тој начин да привлекуваме туристи, рече Мицкоски.

Според него, тука е и договорот потпишани со туристички агенции кои што носат туристи и оти не треба да се заборави фактот дека дојдовните и патниците кои што патуваат надвор од земјата на нашите аеродроми е зголемен за 30% е споредено со истиот период од минатата година.

Секако дека е позитивно кога бројот на туристите расте. Но, остварувањето на сопствената годишна цел не е исто што и постигнување рекорден резултат во историјата на туризмот. Дополнително, уште во 2023 година Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот имала значително поамбициозни развојни проекции.

Тогаш биле поставени цели до 2025 година да се достигнат 3.7 милиони ноќевања, 600 милиони долари туристички прилив и повеќе од 45.000 вработени во туристичко-угостителската дејност.

Колку пари оставаат туристите – одговор што недостасува

Еден од најважните показатели за вистинската економска вредност на туризмот е девизниот прилив.

Според податоците што ги објавувала Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, во 2022 година девизниот прилив по основ на туризмот изнесувал 480.38 милиони американски долари. Во 2023 година достигнал 598.54 милиони американски долари, што претставува раст од приближно 25%.

Тоа бил значителен пораст на приходите, кој покажувал не само зголемен туристички интерес, туку и поголем финансиски ефект врз економијата. Разликата не е мала. Турист што останува една ноќ и троши до 100 долари нема ист економски ефект како турист што останува пет ноќи и троши неколку стотици долари.

Затоа бројот на туристи сам по себе не е доволен показател за успешноста на туристичката политика.

Тоа го покажуваат следните податоци:

– во 2023 имало 1.17 милион туристи и приход од 598.54 милиони американски долари,

– во 2024 имало 1.24 милиони туристи и околу 600 милиони американски долари приход,

– во 2025 околу 1.3 милиони туристи и пак приход од околу 600 милиони американски долари.

Годинава (2026) најверојатно ќе биде многу слична.

Дополнителен показател е структурата на туристичките ноќевања. Во август 2026 година странските туристи учествувале со 53.6% во вкупниот број туристи, но оствариле само 29.2% од вкупните ноќевања.

Наспроти нив, домашните туристи сочинувале 46.4% од посетителите, но на нив отпаѓале дури 70.8% од ноќевањата.

Останати вести