Во организација на Битолското друштво од Сиднеј, по 37. пат се одржа традиционалниот свечен Битолски бал, во спортскиот центар „Илинден“ во Рокдејл, во чест на 4 Ноември – денот кога во 1944 година Битола беше ослободена од фашистичката окупација.
Салата беше исполнета со битолчани од Сиднеј, Волонгонг и Њукасл, кои со своето присуство уште еднаш ја потврдија поврзаноста со родниот град и почитта кон неговата историја и традиција.

Долгогодишниот претседател на друштвото, Лупчо Ангелевски, со поздравни зборови им посака добредојде на присутните и ја најави програмата на вечерта. По интонирањето на нашата убава македонска химна, со едноминутно молчење беше оддадена почит на неколкумина членови на друштвото кои неодамна починаа.
За доброто расположение и музичката атмосфера беа задолжени групата „Балканика“ и прекрасната пејачка Соња Динамит, кои ги забавуваа присутните до доцнa во ноќта.

Изборот на песните, ората и мелодиите беше навистина одличен. Особено пријатно беше тоа што музиката не беше претерано гласна, па и оние кои не беа на подиумот можеа опуштено да разговараат и да уживаат во дружењето.
Беше тоа прекрасна вечер исполнета со музика, песна, ора, пријателски средби и битолски дух – уште еден убав доказ дека љубовта кон родниот град не познава далечини.
Славица Марцевска
