Македонските песни, ора, вкусови и традиции повторно ќе го исполнат Сиднеј. Во недела, на 15 ноември 2026 година, во Бартон Парк (Barton Park), на Bestic Street во Рокдејл, ќе се одржи третиот Македонски фестивал во Сиднеј – настан кој ги обединува Македонците и ја слави богатата македонска култура и наследство во Австралија.
Од 10 часот наутро до 19 часот навечер, посетителите ќе имаат можност да уживаат во целодневна програма исполнета со жива музика, настапи на македонските фолклорни и играорни друштва, традиционална македонска храна, како и бројни забавни активности за најмладите.
Фестивалот претставува вистинска можност за враќање кон корените, за дружење и заедничко прославување на сето она што ја прави македонската култура препознатлива и посебна. Македонските песни и ора, богатството на традиционалната кујна и гостопримството ќе создадат автентична македонска атмосфера, исполнета со радост, емоции и заедништво.
Организаторите упатуваат отворена покана до сите припадници на македонската заедница, до нивните семејства и пријатели, но и до пошироката австралиска јавност, да бидат дел од оваа голема културна манифестација.
Главната цел на фестивалот е обединување на заедницата, негување на културниот идентитет и промовирање на македонското културно и историско наследство во Нов Јужен Велс, особено меѓу помладите генерации.
Организатор на фестивалот е Австралиско-македонскиот совет на Нов Јужен Велс (AMC), неполитичка организација посветена на работата, потребите и интересите на заедницата. Меѓу приоритетите на Советот е унапредувањето и поддршката на македонските културни и уметнички активности, а Македонскиот фестивал е еден од значајните настани преку кои оваа мисија се реализира.
Третиот Македонски фестивал е многу повеќе од културна манифестација – тој е средба на генерации, прослава на македонските корени и потврда дека македонската традиција, дух и култура живеат и се пренесуваат и далеку од татковината.
Дојдете со семејството и пријателите, понесете ја добрата волја и бидете дел од македонската приказна во Сиднеј. Да ја славиме Македонија, да ги чуваме традициите и да бидеме заедно.