Како Ким направи елитна група хакери кои крадат милијарди?

Северна Кореја ги наградува своите врвни хакери, кои стојат зад операции како што е кражбата на 6.3 милијарди американски долари од берзата за крипто валути Binance, со пространи станови во Пјонгјанг и големи суми во странска валута. За возврат, од нив се очекува да работат во исклучително тешки услови.

Преку вакви стимулации, лидерот Ким Џонг Ун изгради армија од елитни хакери, користејќи програма што функционира повеќе од една деценија. Според пребегнати лица и аналитичари, властите секоја година избираат до 200 од најбистрите ученици и ги насочуваат кон студии по компјутерско инженерство.

Иако само мал дел од нив на крајот стануваат дел од хакерските единици, оваа инвестиција се покажа како исклучително профитабилна. Со текот на времето, севернокорејските хакери напредуваа од водење нелегални сајтови за коцкање до извршување на некои од најголемите сајбер-кражби во светот.

– Тие, всушност, се едно од тајните оружја на Ким Џонг Ун, вели Ким Хунг-кванг, кој обучувал државни хакери пред да побегне во Јужна Кореја во 2004 година. – Ниту една друга земја не обучува хакери на ваков начин. Тие систематски ги бараат најпаметните деца, со единствена цел да ги претворат во оперативци, без оглед на тоа дали самите сакаат да станат хакери.

Меѓу поволностите што ги уживаат хакерите е патувањето во сојузничките земји како Кина, каде што имаат послободен пристап до Интернет. Успешните напади можат да ѝ донесат на воената единица до 30 отсто од пленот во американски долари, а некои хакери можат да добијат стан во Пјонгјанг каде што ќе можат да живеат нивните родители, рече Ким.

Таквите поединци можат да станат и членови на владејачката партија и да стапат во брак со членови на елитни семејства.

Сепак, ова е релативно мала група. Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја процени во 2024 година дека единиците за сајбер војна на Северна Кореја вработувале околу 8.400 луѓе. Севернокорејските државни медиуми не ги слават јавно достигнувањата на хакерот, туку редовно ги истакнуваат студентите со таленти за програмирање.

И покрај поволностите, животот за елитните технолошки работници во Северна Кореја е исклучително тежок, особено кога се назначени или испратени во странство. Тесните простори за живеење, работните денови подолги од 10 часа, постојаниот надзор и строго поставените цели се дел од нивното секојдневие, се вели во извештајот на здружението за човекови права PSCORE.

– Постојано се под притисок да продолжат да заработуваат, рече Нам Бада, извршен директор на здружението. – Стресот е екстремен, а поради психичкото оптоварување, луѓето развиваат здравствени проблеми кои ги немале претходно. ИТ работниците мора да исполнат месечна квота за долари или ќе се соочат со понижување и други казни.

Меѓутоа, аналитичарите веруваат дека успесите на хакерите дополнително ќе го охрабрат Ким Џонг Ун бидејќи неговите единици стануваат повешти и амбициозни. Се повеќе се свртуваат кон она што се нарекува „лов на голем дивеч“. Тие се насочени кон поголеми организации кои потенцијално имаат повеќе ресурси. Тие се потешки цели, но како што покажува примерот на Binance, исплатата може да го оправда вложеното време.  

Останати вести