Мелбурн ѝ се извини на македонската заедница: Сонцето од Кутлеш ќе може повторно да се вее на парадата „Мумба“

ГОЛЕМ УСПЕХ ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА ПОСЛЕ ПОВЕЌЕМЕСЕЧНА ИНИЦИЈАТИВА, ГРАДОТ МЕЛБУРН ЈА ПРОМЕНИ СВОЈАТА ОДЛУКА, УПАТИ ОФИЦИЈАЛНО ИЗВИНУВАЊЕ И ЈА ПОКАНИ ФОМКУД ПОВТОРНО ДА УЧЕСТВУВА НА ПАРАДАТА MУМБА 2027 СО СОНЦЕТО ОД КУТЛЕШ

Македонската заедница во Викторија доби значајнa битка во напорите за заштита на своето културно наследство, достоинство и право на слободно културно изразување. По повеќемесечна истрајност, иницијатива и конструктивен дијалог, Градот Мелбурн ја преиспита и промени претходната одлука со која на македонските учесници им беше забрането да го истакнат знамето со Сонцето од Кутлеш на парадата Мумба во 2026 година.

Како резултат на овој процес, градските власти упатија официјално извинување до македонската заедница и потврдија дека знамето повторно ќе може да се истакнува на идните културни манифестации. Истовремено, Федерацијата на македонските културно-уметнички друштва (ФОМКУД) доби официјална покана повторно да учествува на парадата Мумба 2027.

 Официјалното извинување следува по независна ревизија на постапувањето на Градот Мелбурн, спроведена од независната истражителка Кристен Хилтон. Во извештајот било утврдено дека забраната имала „значително и ненамерно негативно влијание“ врз македонската заедница.

Градските власти на Мелбурн официјално ѝ се извинија на македонската заедница во Австралија по одлуката со која беше забрането истакнувањето на знамето со Сонцето од Кутлеш за време на годинешната парада „Мумба“

Во писмото испратено до заедницата, раководителката на секторот за бизнис, економија и активности при Градот Мелбурн, Сара Квон, признала дека одлуката предизвикала чувство на непочитување кај македонските учесници, нивните семејства и претставниците на заедницата.

„Нашата одлука остави многу изведувачи, семејства и лидери на заедницата со чувство дека нивниот културен идентитет и наследство не биле почитувани или соодветно разбрани. Искрено се извинувам“, се наведува во писмото.

Иако ревизијата утврдила дека службениците постапувале со добра намера и водени од грижата за безбедноста на заедницата, било констатирано дека ограничувањето не ги исполнило очекувањата на засегнатите граѓани и предизвикало несакани последици.

Градот Мелбурн се обврзал препораките од независната проверка да бидат земени предвид при идното постапување, особено во однос на човековите права, културното изразување, различноста и инклузијата, во согласност со Повелбата за човекови права и одговорности на Викторија.

80 МЛАДИ МАКЕДОНЦИ НЕ НАСТАПИЈА ПОСЛЕ МЕСЕЦИ ПОДГОТОВКИ

Потсетуваме дека во март 2026 година, околу 80 млади Македонци од Мелбурн не учествуваа на парадата Мумба, откако градските власти донесоа ненадејна одлука со која беше забрането истакнувањето на знамето со Сонцето од Кутлеш.

Младите играорци со месеци се подготвуваа, вежбаа и ги изработуваа своите традиционални носии, со голема желба да ја претстават македонската култура пред австралиската јавност. Но, откако им беше соопштено дека поради чувствителноста околу националните и регионалните симболи ќе бидат дозволени само национални и организациски обележја, ФОМКУД одлучи да се повлече од настапот.

Ова предизвика големо разочарување кај младите учесници и загриженост во пошироката македонска заедница. Наместо да се откажат, нејзините претставници започнаа иницијатива за преиспитување на одлуката и изнаоѓање трајно решение.

Секретарот на ФОМКУД, Стој Јовевски, посочи дека настапот на Мумба 2026 требало да претставува значаен заеднички проект, кој за првпат обединил осум различни фолклорни друштва под едно знаме.

„ФОМКУД успешно обедини осум различни фолклорни друштва, кои требаше да настапат под едно знаме и под еден обединувачки симбол. Со 80 млади учесници од различни делови на Мелбурн и Викторија, требаше да бидеме најголемата група од една заедница што ќе учествува на парадата Мумба 2026.

Замислете да им кажете на вашите училишни другари: ‘Гледајте ме, ќе бидам на телевизија’, а потоа да го пропуштите тоа искуство затоа што не ви е дозволено да бидете тоа што сте и да го развиорите знамето што претставува кои сте и од каде потекнувате.

Без разлика дали доаѓате од Република Македонија (Вардарска Македонија), северна Грција (Егејска Македонија) или западна Бугарија (Пиринска Македонија), ако во срцето се чувствувате како Македонец, никој не треба да може да ви го одземе правото да се идентификувате така и да го чувствувате Сонцето од Кутлеш како дел од вашето наследство.

Ова не е победа само за македонската заедница. Ова е победа за сите малцински заедници кои се маргинализирани и чии идентитетски и човекови права се ограничуваат преку неправедни правила, донесени брзо, без соодветно разбирање, консултации и проверка.“ рече Стој Јовевски, секретар на ФОМКУД.

ЗАЕДНИЧКИ НАПОРИ ШТО ДОВЕДОА ДО ПРОМЕНА

Во процесот на решавање на ова прашање особено значајна улога имаа ФОМКУД „Викторија“, предводена од претседателот Џорџ Ламбески и секретарот Стој Јовевски; Македонско-австралискиот совет на заедници (MCCA), претставуван од Крис Ангелков; организацијата „Наша Македонија“, претставувана од д-р Анета Рениера Славески; општинската советничка Кони Боглис; поранешната прва претседателка на заедницата и баристер Розета Стојковска; и д-р Пандора Петровска.

Во процесот се вклучија и бројни други претставници, општествени лидери и активисти од македонската заедница, кои придонесоа кон заедничките напори за решавање на ова прашање.

Посебно значаен придонес имаше Кони Боглис, советничка во општината Даребин со македонско потекло, која се вклучи во процесот во личен капацитет. Таа прва со писмо до министерката за мултикултура на Викторија, Ингрид Стит, укажа на нееднаквиот третман и ограничувањето на можноста македонската заедница слободно да го изразува својот културен идентитет.

Боглис нагласи дека прашањето не се однесува само на една конкретна одлука на Градот Мелбурн, туку и на законската обврска на сите локални власти во Викторија да ги почитуваат човековите права при донесувањето одлуки.

„Членот 19 од Повелбата за човекови права и одговорности на Викторија од 2006 година го штити правото на секој човек да ја ужива својата култура. Според членот 4, општинските совети се јавни институции. Членот 38 предвидува дека тие не смеат да постапуваат спротивно на ова право или да не го земат предвид при донесувањето одлуки.

Ги повикувам сите 79 општински совети во Викторија да ја вградат Повелбата во своите процедури за одлучување за настани и издавање дозволи, за следната заедница да не мора да ги дознава своите права преку писмо со извинување.

Човековите права не се дозвола за која треба да аплицирате. Тие се закон.“ изјави Кони Боглис.

За важноста на институционалниот дијалог и зачувувањето на мултикултурната хармонија се осврна и Розета Стојковска, која учествуваше во процесот од правен аспект.

Таа истакна дека од самиот почеток било важно прашањето да не се проширува надвор од она што било неопходно за заштита на правата на македонската заедница во Викторија.

„Бевме и сè уште сме загрижени прашањето да не се прошири надвор од она што беше неопходно за застапување на правата на идентитетот од перспектива на македонската заедница во Викторија.

Знаеме дека првичната одлука произлезе од надворешна поплака, поднесена без консултација со заедницата која беше најдиректно засегната.

Свесни сме за важната улога што ја има мултикултурната хармонија во австралискиот демократски контекст. Токму затоа сметам дека фактот што Градот Мелбурн обезбеди независен процес за истражување на случајот и давање препораки беше од корист за сите засегнати страни.

Нема ништо поважно за сите нас како граѓани од зачувувањето на позитивното општествено ткиво.“ рече Розета Стојковска.

Заедничката работа, аргументираниот пристап и соработката со Градот Мелбурн и независната истражителка Кристен Хилтон придонесоа за надминување на спорната ситуација и постигнување решение кое овозможува повторно учество на македонските фолклорни ансамбли.

Овој процес е показател дека преку организираност, упорност и институционален дијалог може да се постигнат конкретни резултати во заштитата на правата и интересите на нашата заедница.

Во врска со поширокото значење на овој случај, д-р Анета Рениера Славески од организацијата „Наша Македонија“ нагласи дека познавањето и разбирањето на културните особености на различните заедници е од суштинско значење за едно функционално мултикултурно општество.

„Културната писменост е клучен аспект на нашето мултикултурно општество и мора постојано да се зајакнува, за да развиваме информирани и точни разбирања за луѓето со кои комуницираме. Ова е особено важно за меѓукултурната кохезија, особено кога институционалните тела донесуваат одлуки што можат да влијаат врз човековите права на одредени заедници.

Она што е особено важно е да ги почитуваме човековите права на другите, дури и кога не се согласуваме со нив.“ изјави Анета Рениера Славески, „Наша Македонија“.

Останати вести