Полицијата поднесе кривична пријава против лицето М.К. (37) од Скопје под сомнение дека ги нападнал новинарот и снимателот на интернет-порталот „А1 Он” на протестот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија”, на 27 минатиот месец, пред Собранието на РМ.
Според информациите од МВР, напаѓачот има дебело полициско досие за имотни деликти и за нарушување на јавниот ред и мир.
Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, на прес-конференција одржана во Клубот на новинарите изјави дека не е исклучена можноста кривичната пријава да се дополни со докази и за други инволвирани лица во нападот.
– Се наоѓам во седиштето на Здружението на новинари на Македонија за да изразам непосредна поддршка за работата на новинарите. Го известив претседателот на ЗНМ дека СВР-Скопје поднесе кривична пријава против еден потенцијален сторител на кривичното дело насилство за нападот на новинарите на интернет-порталот „А1 Он” со можност во наредните денови пријавата да се дополни со соодветни факти и докази и во однос на другите осомничени во тој случај – изјави Нухиу.
Тој истакна дека никој не е над законот и дека секој еден ден ќе сноси одговорност.
Во писменото соопштение на МВР се наведува дека М.К. заедно со уште едно лице ги нападнале двајцата новинари.
Екипата на “А1он” била нападната додека го снимала протестот, поточно кога група демонстранти фрлала во воздух ливчиња во вид на македонските банкноти ама со албански обележја.
Напаѓачот М.К. бил незадоволен од реакцијата на новинарите и прво физички го нападнал репортерот А.Т. удирајќи го со боксови и клоци во пределот на главата и телото, а снимателот В.Ж. бидејќи бил наведнат и ги снимал ливчињата-банкноти добил удар во задниот дел од главата, по што паднал на земја и добил уште еден удар во предел на вратот со нога, по што паднал во бесознание.
Двајцата напаѓачи веднаш потоа избегале во правец на Градскиот трговски центар, но со помош на една фотографија од порталот “Сакамдакажам” и од надзорните камери во околината веднаш го идентификувале едниот од нив.