Можност да се загуби AAA кредитниот рејтинг

Малком Турнбул верува дека без буџетските мерки во вториот буџет на неговата влада, како што е зголемување на доприносот за здравственото осигурување, на Австралија и се заканува губењето на ААА кредитниот рејтинг.

Во предупредувањата на лабуристите, зелените и независните сенатори кои се подготвуваат да ги сопрат буџетските мерки, вредни над $14 милијарди, прајминистерот рече дека владата ќе продолжи да го спроведува својот план за воведување данок на банките, реструктуирање на финансирањето на училиштата и зголемување на доприносот за здравствено осигурување.
„Ако не ги зголемиме традиционалните буџетски мерки, мислам дека на многумина им е јасно оти не би успеале да го задржиме ААА кредитниот рејтинг, кој е толку важен на сите Австралијци и владата, а особено на банките” – рече прајминистерот
Турнбул и додаде дека данокот на банките е осмислен со цел да се зголемат приходите кои се потребни за буџетот да се врати во рамнотежа и за да го „задржиме нашиот ААА кредитен рејтинг”. Неговите коментари се објавени откога лидерот на опозицијата, Бил Шортен, одби да се покори на желбите на мнозинството во својот кабинет во сенка и одбра да го спречи зголемувањето на доприносот за здравственото осигурување, со кое би се финансирал програмот за здравственото осигурување на лица со инвалидитет.
Тројца членови на кабинетот од сенка, анонимно изјавиле за Fairfax Media дека на состанокот кој е одржан ден пред да се даде одговор на предлогот на буџетот, девет пратеници од редовите на лабуристите, вклучувајќи ја и Тања Плибесек, го поддржуваат зголемувањето на доприносот за здравствено осигурување од 0,5 одсто. Но, помала група пратеници, вклучувајќи ја и Плибесек, на другиот состанок во четвртокот даде поддршка на ставот на Шортен, кој го поддржува зголемувањето на доприносот за здравствено осигурување само за лица кои заработуваат над $87.000. Турнбул изјави дека ќе ги притисне лабуристите да „ги следат јасните правилни инстинкти на нивниот кабинет од сенка”.
„За да со чиста совет можеме да одлучиме оти треба да го финансираме програмот за осигурување лица со инвалидитет. Сите Австралијци имаат корист од тој програм и поради тоа е важно сите да дадат свој придонес” – рече тој.
Сите три големи агенции за оценка на кредитниог рејтинг потврдуваат дека Австралија го задржува својот ААА кредитен рејтинг до носењето на буџетот на 9 јули, но само Standard & Poor’s ги задржува негативните прогнози, оставајќи ја можноста од ризик за намалување на рејтингот во следните неколку години. Лабуристите, зелените и независните сенатори, ги искажаа своите намери да се спречат некои од клучните мерки со кои буџетот би се вратил во плус до 2021 година, вклучувајќи го намалувањето на финансирање на универзитетите за $2.8 милијарди, зголемување на доприносот за здравствено осигурување, пилот програма за тестирање на дроги на корисници на социјалната помош и програм за штедење низ пензинското осигурување за оние кои првпат купуваат недвижности за живеење.
Што се однесува до данокот за големите банки во Австралија, средишниот столб на мерките за штедење на владиниот буџет, треба да се подеси, бидејќи сенаторот Ник Зенофон разговара со лабуристите за проширување на овој данкот и за странските банки. Предлогот за овој закон веројатно ќе биде прифатен, но сенаторот Зенофон кој контролира три клучни места во горниот дом, прави притисок, данокот од 0,06 одсто, да се применува и на странските банки кои работат во Австралија. Сенаторот Корман се обиде да ги отфрли обидите да се променат даноците на банките од кои се проценува дека во државниот буџет ќе донесат $6.2 милијарди. „Очекуваме дека лабуристите, како што самите јавно кажаа, ќе го поддржат данокот за банките на начин на кој тој сега се наоѓа предложен во буџетот” – рече сенаторот Корман.
Укинување на визата 457 за странските мигранти, зголемување на трошоците за тутунските производи за правење цигари во сопствениот дом, како и данок за банките, се дел од мерките кои веројатно ќе имаат доволно силна поддршка за да бидат лесно усвоени. Лабуристите апелираат да се сопрат промените за финансирање на училиштата, познати под името „Gonski 2.0″, но ова можеби ќе помине со поддршка на зелените и независните пратеници. Политичарите од редовите на лабуристите, демантираа дека во партијата постои раскол околку предлогот на владата да се зголеми доприносот за здравствено осигурување. Сенаторот Даг Камерон во Канбера рече дека партијата е „обединета” и „успешна” опозиција. „Нема раскол во лабуристичката партија, единствените кои се поделени се оние во либералната партија, како и оние меѓу либералите и националната партија” – рече тој.

Останати вести