Абеди повеќето делови од бомбата ги купил „сам“

Самоубиецот Салман Абеди од Манчестер повеќето делови користени за бомбата ги купил самиот, соопшти полицијата, пренесува Би-би-си.

Повеќето движења и акции на напаѓачот самоубиец се „изведени самостојно” во четири дена пред нападот, изјави Рас Џексон, шефот на Северозападната единица за антитероризам.
Но, полицијата допрва треба да утврди дали бил дел од поширока мрежа.
Полицајците опколија една улица во областа Рашолме во Манчестер каде што имотот се претресува.
Полицијата на Манчестер побара од јавноста да го избегнуваат патот Банф, по последната рација во низата рации поврзани со истрагата.
Три лица уапсени во врска со нападот на 22 мај, беа ослободени без обвинение.
Џексон изјави дека полициската истрага била насочена во истражување на последните движења на Абеди.
Полицијата ги испитува движењата на Абеди преку видео надзорот и другите интеракции што ги имал со луѓето, како и телефонските повици што ги направил.
„Нашата истрага покажа дека Абеди самиот ги купил повеќето делови од основните компоненти и станува очигледно дека пред сè тој се движел и делувал сам во текот на тие четири дена откако слета во земјата и го изведе овој страшен напад”, изјави началникот Џексон.
Сепак, од „витално значење” е полицијата да биде сигурна дека тој не е дел од една поширока мрежа, а имаше „многу нешта” во врска со неговото однесување кои нè загрижуваа, додаде тој.
Џексон изјави дека полицијата е заинтересирана да дознае зошто Абеди постојано се враќал во областа Вилмслоу Роуд во градот и сака да го најде синиот куфер што го користел за време на тие патувања.
Вкупно 16 лица се уапсени во врска со нападот од минатиот понеделник. Шест се ослободени без обвинение, а 10 се сè уште во притвор.

Останати вести