Доколку сакате да ги запрете смртните случаи, ако сакате да го спречите давењето, треба да ги спречите бродовите, изјави австралискиот прајминистер Тони Абот
Австралискиот прајминистер Тони Абот ја повика Европа да учи од примерот на Австралија и да ги запира чамците со бегалци кои се обидуваат да дојдат до нејзиниот брег, јави ДПА.
Овој коментар на Абот доаѓа по снимката на удавеното тригодишно момче на турскиот брег која го шокираше светот.
– Доколку сакате да ги запрете смртните случаи, ако сакате да го спречите давењето, треба да ги спречите бродовите – изјави Абот за државната телевизија ABC.
– На ТВ-екраните видовме многу тажна, мачна глетка на трагично загинати деца во море при нелегална миграција. За среќа, го запревме тоа во Австралија, затоа што ги запревме незаконските бродови. Им рековме на превозниците: шверцот се затвора. Доколку сакате луѓето да останат безбедни треба да ја запрете нелегалната миграција и точно тоа и го направивме – изјави премиерот на Австралија.
Строгите мерки на Австралија за запирање на бродовите со бегалци вклучуваат пресретнување и запирање до Индонезија и користењето на австралиските морнарица за нивно враќање во нивната земја на потекло. Мигрантите кои биле пронајдени во океанот во последните две години се држат во центри во Науру и на островот Манос во Папуа Нова Гвинеа.
Австралиската влада наложи ознака на врвна тајна за условите на живот во тие центри и законски предвидува две години затвор за секој нивни вработен кој ќе прозбори за условите во овие центри, пренесува ДПА.
Владата соопштува дека мигрантите од тие кампови никогаш нема да влезат во Австралија туку ќе бидат враќани во земјите на потекло или населувани во Камбоџа или во Папуа Нова Гвинеа.
Оваа сурова политика драстично го намали бројот на бродовите со мигранти во последните две години, но предизвикува критики од меѓународната заедница, забележуваат агенциите.