Две лица се убиени, а едно се бори за живот, по вооружен напад кој се случил на влезот во скопското село Грчец.
Инцидентот се случил околу 23 часот на влезот во Грчец, на паркинг во близина на продавница. Таму, во џип “мерцедес” биле Небуш Нуиши (46), внук на криминалецот Арслан Нуиши заедно со неговиот вујко Мутерзани Неќани (51) и братучедот Ајрула Мумин (33).
Во еден момент до нив застанал автомобил во кој бил убиецот Зекирија викан Зеко, исто така, од Грчец. Според непотврдени информаци заедно со него во возилото бил и неговиот брат Абрудаман викан Мони, а полицијата се сомнева дека имало и трет човек на задното седиште.
Зекирија излегол од автомобилот, држејќи “клашников” во рацете, се доближил до џипот и од непосредна близина почнал да пука во “мерцедесот”. Нуиши бил убиен на самото место, во џипот, додека Неќани починал на пат кон болница. Мумин успеал да се спаси, бидејќи бил изрешетан во нозете.Убиецот потоа влегол во својот автомобил и побегнал.
Соселаните, сведоци на ликвидацијата, веднаш повикале полиција и Итна помош и се обиделе да им помогнат на изрешетаните момчиња. Тие велат дека глетката била страшна и дека буквално фалеле делови од нивните тела кои ги откинале куршумите испукани од автоматската пушка од непосредна близина.
Како што зборуваат мештаните, најверојатно, причина за пукањето е девојка. Наводно Небуш Нуиши бил во љубовна врска со популарната пејачка Аделина Тахири, која заедно со нејзината мајка и сестра од неодамна живееле под кирија на влезот од селото.
Според мештаните, убиениот Нуиши бил сопственик на компанија што се занимавала со трговија. Бил женет, имал и деца. Тој го управувал „мерцедесот”.
