Командантот на американската пацифичка флота изјави дека би спровел нуклеарен удар против Кина уште следната недела, ако претседателот Доналд Трамп го нареди тоа, и предупреди дека војниците секогаш треба да се верни на командантот на воените сили, пренесоа Асошиејтед прес.
Така адмирал Скот Свифт одговори на прашање поставено чисто хипотетички на конференција за безбедност во австралиската престолнина Канбера, организирана по завршувањето на големата американска-австралиска воена вежба во близина на брегот на Австралија. Вежбите беа надгледувани од кинески разузнавачки брод крај североисточните брегови на државата континент.
Австралиски научник го праша адмиралот дали би нанел нуклеарен удар против Кина следната недела, ако претседателот Трамп го заповеда тоа, а Свифт одговори брзо и без двоумење: „Одговорот би бил: „да”.
„Секој кој служи во американските вооружени сили положил заклетва да го брани уставот на САД против сите надворешни и внатрешни непријатели и да се потчинува на офицери и на претседателот на САД како врховен командант”, рече Адмиралот.
„Тоа е суштината на американската демократија и секогаш, кога војниците ќе отстапат од овој фокус и од својата верност кон цивилната контрола, тогаш навистина настанува голем проблем”, додаде тој, цитиран од агенциите. Подоцна портпаролот на пацифичката флота, капитен Чарли Браун рече дека Свифт едноставно гопотврдил принципот за цивилна контрола над вооружените сили.
„Адмиралот имаше предвид не хипотезата, содржана во темата, туку принципот на цивилната контрола врз војската. Хипотезата на прашањето беше смешна”, истакна тој.
Во тековната на секои две години вежба учествуваа 36 воени брода, вклучувајќи го американскиот носач на авиони „Роналд Реган”, 220 борбени авиони и 33.000 војници.