Во рамките на Струшките вечери се одржа поетски портрет на еден од најголемите поети на арапскиот свет, воедно и еден од најзначајните творци на западноевропската култура – Адонис.
Тој е добитник на “Златниот венец” во 1997 година. За неговото творештво зборуваше академик Влада Урошевиќ.
Притоа Адонис, пак, говореше за проблематики поврзани со поезијата, но и за актуелните политички и религиски состојби во арапскиот свет.
Стана збор и за масовната миграција, за војната во неговата родна Сирија, за разурнувањата и за масовните убиства што ги врши ИСИЛ, но и за современиот колонијализам.
– За да се разбере актуелната ситуација што се случува сега во мојата земја, исто така и во Ирак и во другите земји во соседството, треба да се разгледа историјата на секоја земја посебно. Ние, како Арапи, без разлика дали сме муслимани или христијани, делиме иста судбина што ги опфаќа сите кои живеат на тие арапски простори – вели Адонис.
Тој вели дека вината за трансформацијата на арапскиот свет лежи кај САД и Европа и кај нивната желба во минатото за освојување на тие територии.
– Битно е дека ситуацијата во арапскиот свет е на еден начин поврзана со империјализмот, со кој се соочиле сите земји што постојат таму. Коренот е во минатото кога Франција ја колонизираше Сирија и кога го колонизираше Либан, кога англосаксонската култура ја колонизираше арапската култура. Овие земји го правеа тоа за да го заштитат својот народ. Денес, ако ја видиме само економската ситуација, Американците и Европејците се подеднакво виновни за трансформацијата на арапскиот свет – нагласи Адонис.
Тој ја критикува американската политика, која, како што вели, е пример за модерен империјализам.
– Како да го сфатиме империјализмот? Да ги споменеме САД во овој контекст и нивната политика. САД водат прогресивна политика, која никогаш не била репресивна кон сопствениот народ. Но, исто така, таа е првата држава што ја употреби атомската бомба во светот. Воведе тотално уништување на човекот. Таа земја не ја презентира слободата на секој народ како што треба – рече сирискиот поет и лауреат на СВП.
Адонис нагласува дека интелигенцијата од западниот свет нема капацитет да ја реши ситуацијата што се појави во арапскиот свет. Причина за тоа е империјалистичката настроеност.
– Исламот не треба да се гледа како зло на современиот свет. Колонијализмот е тој што ги креирал корените на денешната трансформација во арапскиот свет, а која создаде револуции во кои еден тиранин се заменува со друг тиранин, заклучи Адонис.