„Aдриа тур“ беше голема грешка: Домино ефект на заразени тенисери и посетители со ковид-19

Финалето на хрватскиот дел од тенискиот турнир “Адриа тур” беше откажан поради бројните заразувања со ковид-19. Во финалето во Задар требаше да играат младиот руски тенисер Андреј Рубљев против Новак Ѓоковиќ, но тој дуел беше откажан, откако се дозна дека Григор Димитров, кој настапуваше на истиот турнир е позитивен за коронавирус.

Бугарскиот тенисер Димитров во саботата играше против српскиот тенисер Борна Чориќ, а потоа се повлече, бидејќи му беше лошо и имаше температура. Тестовите покажаа дека Димитров има коронавирус, а тоа предизвика да бидат прекинати неделните натпревари на турнирот и општа паника.
Српските медиуми тврдат дека коронавирусот на “Адриа тур” наводно го донел Димитров од САД.
Беа тестирани 22 лица кои биле во непосредна близина на Димитров за време на турнирот во Задар, па се појавија тројца позитивни. Се работи за Борна Чориќ, кој му беше противник на Димитров во саботата, потоа кондицискиот тренер на Новак Ѓоковиќ, Марко Паники и Кристијан Грох, тренерот на Димитров.
Зверев отиде во самоизолација.
Организаторот и главниот “виновник за “Адриа тур”, Новак Ѓоковиќ, реши да не се тестира во Задар, бидејќи не чувствува никакви симптоми и тоа го стори веднаш откако се врати кај своето семејство во Белград. Останатите членови на тимот на Ѓоковиќ (освен неговиот кондициски тренер), се негативни на ковид-19. Меѓу тестираните се: Ѓорѓе Ѓоковиќ, Горан Ѓоковиќ, Милјан Амановиќ и Горан Иванишевиќ. Сите тие се негативни на Ковид-19. Повторно ќе се тестираат до крајот на оваа недела.
А до вторникот се уште се чекаше резултатот за Ѓоковиќ.
Затоа, пак, се појавија “опашки” од делот на турнирот што се одржа во Белград. Имено, за позитивен на ковид-19 се јави српскиот тенисер Виктор Троицки (кој учествуваше на првиот дел на „Адрија Тур” кој минатата недела се одржа во Белград). Позитивна е и неговата бремена сопруга.
Потоа пристигна и потврда дека едно петгодишно дете кое било во друштво на тенисерите во Белград исто така се заразило со ковид-19.

Останати вести