Сите гледаат во Ахмети: Цементирање на 5 јуни за избори, нивно пролонгирање со нова влада на широка коалиција или само предизборен пркосен гест за гласачите?

И покрај реалните снимки со политичко-криминална содржина од ланската година (во кои покрај челниците на ВМРО-ДПМНЕ ги слушавме и гласовите на Али Ахмети, Муса Џафери и ред други предводници на ДУИ), оваа партија не повлече ваков потег. Сега, наводно, Ахмети се налутил поради снимките со сексуална содржина за кои јавноста инаку смета дека се навистина монтирани

„БОМБАСТИЧНО” ПОВЛЕКУВАЊЕ НА МИНИСТРИТЕ НА ДУИ ОД КОАЛИЦИОНАТА ВЛАДА

Целосно изненадување предизвика одлуката на Претседателството на ДУИ од 1 април да ги повлече своите кадри од извршната власт. Министрите од оваа партија поднесоа и писмени оставки. Следуваат интересни неколку денови, додека откриеме што ќе се случува на политичката сцена, со оглед на тоа што најдоцна до четврток (7 април) мора да бидеме на чисто, бидејќи тогаш треба да се распушти Собранието на РМ.
Повлекувањето поради последните снимки од прислушувани разговори
“Овој наш чекор е продолжение на нашите енергични напори за демократија и еден реформиран општествен и политички систем, со што изразуваме и револт за прислушкувањето, продажбата и дистрибуцијата на аудио материјалите кои се произведуваат и монтираат дополнително со тенденција да ги оштетат и уриваат напорите за системски реформи. Со жалење констатираме дека овој процес веќе е компромитиран, како последица на масовното нелегално прислушкувањето, како и поради нивната понатамошна дистрибуција во рацете на криминалци со цел да се злоупотребат во разни ‘Фабрики за афери'”, стои во соопштението на ДУИ.
ДУИ бара од локалните институции, особено МВР и Јавното Обвинителство да преземат итни мерки за да ги уапси фалсификаторите, дистрибутерите и издавачите на монтираните материјали, а во исто време, како последица на институционалната слабост и политичките манипулации, ДУИ веќе не превзема никаква одговорност за излагањето на ситуацијата од институционална контрола и можноста за индивидуално спроведување на судот и правдата. ДУИ го повикува и специјалниот обвинител веднаш да се вклучи во истрагата на овој сериозен криминал, кој има за цел да ги загрози јавните личности и да влијае на работата на оваа институција, која има законска одговорност за прислушуваните разговори, кои веќе се пласираат и се обработуваат на црниот пазар насекаде во регионот.
Се работи за аудио-снимки кои се поставени на “Јутјуб” од наводни разговори со сексуална содржина помеѓу Ермира Мехмети и Муса Џафери.
И што сега?
Имајќи на ум дека ДУИ не прави ништо без да се консултира со амбасадата на САД, во оптек се три можни сценарија: или (1) ова е “цементирање” на изборите на 5 јуни, или (2) се остава простор за нивно ново одложување преку формирање на нова Влада, или, пак, што е најверојатно – (3) на првата можност се надоврзува потребата ДУИ да покаже гордост на една седмица пред распуштањето на парламентот и да покаже пред своите бирачи дека е автентична и самостојна партија (а не привзок).
Од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ немаше одлучни ставови во врска со потегот на партијата на Али Ахмети.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, оставките на претставниците на извршната власт на ДУИ ги оцени како внатрепартиска работа за кои не сака да коментира.
– Следуваат избори и граѓаните се тие кои ќе оценат која и каква влада треба да се состави во иднина.
– Со ваквиот потег ДУИ ја усложнува и дополнително ја комплицира политичката криза во Република Македонија. Еднострано ја напушта техничката влада, формирана согласно Договорот од Пржино за спроведување на слободни, фер и демократски избори во Македонија, изјавија од СДСМ. Воедно оваа партија остро го осудува објавувањето на снимки коишто задираат во приватноста на граѓаните и личниот живот.
Приврзаниците на владејачката партија сметаат дека се работи за договор со ВМРО-ДПМНЕ за да не се остави ни најмала можност за пролонгирање на изборите. Со оглед на тоа што договорот е Собранието да се распушти на 7 април, за натамошниот статус на сегашната Влада практично нема никакво значење тоа што министрите од ДУИ поднеле оставки. Во секој случај со распуштањето на парламентот секоја влада станува техничка. Тоа ќе се случи на 7 април и во овој случај министрите од ДУИ се должни технички да ги извршуваат обврските до изборот на новата влада.
Второто сценарио – со формирање нова, техничко-концентрациона влада – носи многу перипетии и е најмалку веројатна. Имено, бидејќи ДУИ има 9 од вкупно 26 министри (заедно со премиерот) во Владата на РМ, тие во мигов не можат едноставно да се заменат со други кандидати. Уставот налага кога се менува најмалку третина од Владата процедурата да биде како за избор на нова Влада – тоа значи минување на целиот процес: од определување на мандатар од страна на претседателот на државата па до изгласување на новиот владин состав. Во сегашните политички констелации тоа би значело продолжување и усложнување на кризата. Но, би значело и пролонгирање на изборите, можеби за цела година, за што, пак, досега немало изразена тенденција. За такво нешто не притиска ниту меѓународната заедница а дури и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пред една недела рече дека тие се спремни за избори на 5 јуни.
Единствени гласови кои предупредуваат дека држвата не е спремна за избори се помалите партии и така наречениот граѓански сектор.
Оние кои најдобро ја познаваат ДУИ – аналитичарите од албанско етничко потекло во земјата – коментираат дека одлуката на ДУИ е единствено мотивирана од потребата за враќање на единството во партијата, начнато одамна, но кое кулминираше со објавување на телефонските (наводни) секс скандали. Иако на сцената се појавија две-три видливи политички партии кај т.н. албански блок, засега нема индиции дека било која од нив (вклучувајќи ја и ДПА) може да го наруши суприматот на ДУИ кај тој пул на гласачи.
ДУИ СЕ ПРЕМИСЛИ, НЕМА ДА ГО ПОДДРЖИ ЗКП БЕЗ ДА ГЛАСА ОПОЗИЦИЈАТА
ДУИ се премисли – иако ги потпиша предлог-законот заедно со ВМРО-ДПМНЕ, сепак нема да ги гласа измените во Законот за кривична постапка. Ова се случи откако амбасадата на САД порача дека се против брзите измени.
Од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ решија да молчат и да не го коментираат повлекувањето на поддршката од ДУИ. Опозициската СДСМ, пак, вели не знае на што се должи промената на ставот на ДУИ но порачуваат дека остануваат против брзото носење на овие законски измени и без јавна расправа.
Предлог-законот за изменувања и дополнување на Законот на кривична постапка предвидува приложувањето на докази за одбраната наместо 15 дена да се продолжи на 90 дена и обвинителството во истиот тој рок да не може да покрене постапка откако ќе заврши истрагата. Дел од експертите овие измени ги толкуваат како директен обид да се опструира работата на СЈО.
За изгласување на измените во законот потребни се 82 гласа од пратениците во законодавниот дом.

Останати вести