500,000 евра барани од функционер на ДУИ, Ахмети политички уценуван

СKАНДАЛОТ СО СНИМKИТЕ ПРОДОЛЖУВА
И до половина милион евра им било барано на функционери на ДУИ за во јавноста да не излезат компромитирачки снимки со приватни разговори, тврдат за „Дневник” од партијата на Али Ахмети.

Од ДУИ не откриваат колку функционери биле уценувани од, како што велат, подземјето, но информираат дека снимката со приватен телефонски разговор меѓу пратеничката Ермира Мехмети и доскорешниот вицепремиер Муса Џафери ја дале на вештачење и оти се потврдило дека е монтирана. Вештачење на снимката е побарано да изврши и Специјалното јавно обвинителство на Kатица Јанева.
Дека функционери на ДУИ се предмет на уцени, закани и оти имало обиди за изнудување пари за снимките, потврди лично и лидерот на партијата, Али Ахмети, за телевизијата „Алсат-М”. Тој во интервјуто откри дека 70 % од незаконски прислушуваните материјали, што опозицискиот СДСМ ги предал на тимот на Kатица Јанева, се со разговори на Албанци, односно на функционери-Албанци.
– Најприслушуваниот човек сум јас. Според информациите што ги имаме, не само еден разговор, туку има 17,000 телефонски разговори што сум ги направил кои се транскриптирани и обработени, а илјадници други се необработени. Секогаш кога ДУИ требало да донесе одлуки, кои зависеле само од неа, во деликатни моменти, јас добивав некои пораки од Белград, нека го направи овој потег Али Ахмети, оти ние ќе објавиме прислушуван разговор, на пример, каде што тој го пцуе пророкот Мухамед. Не е случајно кога реков – се што имаат за мене, нека објават и приватни разговори. Kога го реков тоа не сум бил, како да кажам, кретен, туку тоа сум го кажал сериозно бидејќи сите такви материјали ги отфрлам како целосно невистинити – вели Ахмети.

Останати вести