Заев му одговори: Ако ти е ова условот, тогаш ќе ја нема ДУИ во следната влада
По повод 18-годишнината од основањето на ДУИ, лидерот Али Ахмети преку фејсбук порача дека е време за Албанец премиер на Македонија. Тој порача дека Албанец е на чело на Собранието, но дека сега е време за нешто големо.
– Ова патување го започнавме заедно пред 18 години, заедно се соочивме со секој предизвик и си верувавме еден на друг, заедно ги решивме и исполнивме нашите цели и на оваа толку важна годишнина за сите нас, да ја утврдиме целта заедно нашите следни избори за постигнување на целта за избор на ценета, докажана и прифатлива личност која ќе ја избереме заедно за прв албански премиер!!!
На секоја годишнина поставуваме амбициозни цели, ги остваруваме, затоа со среќа кон остварување на нашите заеднички цели – порача Ахмети.
Прв реагираше доскорашниот негов коалиционер Зоран Заев.
– Мандатарското место е веќе резервирано. Доколку СДСМ победи на изборите, јас сум кандидатот за претседател на Влада и ќе бидам премиер кој еднакво се бори за подобар живот на сите граѓани на Македонија. Соодветно на тоа, доколку ДУИ има ваков услов за коалиција за Влада, тогаш ДУИ нема да биде дел од идната Влада – изјави Заев.
И ВМРО-ДПМНЕ нема да го препушти премиерското место кое смета дека ќе го преземе Христијан Мицкоски. Порачува власта да се фати за работа со корона-кризата и помалку да дискутира за избори.
– ВМРО-ДПМНЕ ја претстави идејата за кандидат мандатар и тоа е професор доктор Христијан Мицкоски. Така што на овие избори свој кандидат покрај ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат и СДСМ и ДУИ. А финалната одлука ќе ја имаат граѓаните на избори. Во овие моменти сметаме дека поважно е да се фокусира целата јавност кон најголемиот проблем – заразата и рекордно црн биланс на новозаразени – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Најостра критика пристигна од албанскиот опонент на Ахмети, партијата БЕСА. Му порачаа да не собира ситни поени бидејќи листите се веќе договорени.
– Не е спорно дека Албанците во иднина може да имаат премиер, но тешко дека тоа ќе биде кадар на ДУИ, се додека тие не се борат против криминалот и корупцијата во нивната партија – велат од БЕСА.
Дека досега бил кукавица на Ахмети му префрлија и од Алијансата за Албанците.
Темата за избори полека стивна по двете неуспешни лидерски средби и растот на заразени со коронавирусот. Последен можен термин кој се шпекулираше е 12 или 15 јули.