„Ај Кју“ победија на “Скопски фестивал 2015“

Доделување на наградите на првите три песни

Групата „Ај Кју” со песната „Убава” победи на овогодинешното издание на Скопскиот фестивал. Тие имаа ист број на бодови (20) како и Симона Попоска која ја испеа песната “Сеедно е”, но одлучувачки беа гласовите од стручното жири кои максимумот на бодови им го дадоа на „Ај Кју”. Третопласирана беше Сара Мејс со песната “Градина од цреши” со освоени 16 бодови од комбинираното гласање (жири комисија и телевоутинг). 

Во арената „Метрополис” на Скопскиот саем се одржа годинешното издание на фестивалот на забавни мелодии „Скопје 2015″, во чии рамки се натпреваруваа 18 композиции, а манифестацијата по трет пат ја водеше познатиот актер Васил Зафирчев. Според претходно донесената одлука на организаторот – Македонската радио-телевизија, годинашниот победник на Фестивалот нема да ја претставува земјата на “Евросонг 2016”. Претставникот за овој настан ќе биде дополнително избран.

Честа да ја отвори вечерта му припадна на битолчанецот Виктор Апостоловски, а по него следеа Влатко Илиевски и Јулија Димчевска, Мартин Мила, Маја Вукичевиќ, Сара Мејс, „Ај кју”, Иван Раденов, Даниел Данн, Симона Попоска, Јана Бурчевска, Мики Секуловски, Ања Ветерова, Александар Белов, Џина Папас Џокси, Александар Тарабунов, Ристо Самарџиев, Елена Петреска и Горан Наумовски.
Според гласовите на жирито на првото место се најде композицијата „Убава” во изведба на групата „Ај кју”, втор беше Мики Секуловски со „Илјада светови”, а трета Симона Попоска со „Сеедно е”. Публиката, пак, прати најмногу СМС пораки за композицијата „Сеедно е” на Симона Попоска, втора беше „Градината од цреши” на Сара Мејс, а трета „Убава” на „Ај кју”.
Наградата за првото место е $ 15,000, за второто е $ 10,500, додека за третото $ 7,500.
Во ревијалниот дел, додека траеше гласањето, публиката имаше можност да ужива со најголемите хитови на специјалните гостинки Елена Ристеска и Тамара Тодевска, по што следеше доделувањето на наградата за животно дело, која годинава му беше врачена на легендарниот Славе Димитров. Во негова чест, Маја Саздановска, Олгица Христовска и Виолета Томовска потсетија на едно од неговите најпознати дела – детската песна „Во светот на бајките”.

Критики за звукот и вокалните интерпретации
Публиката присутна “Скопскиот фестивал”, како и целокупната јавност која го следеше директниот телевизиски пренос остана незадоволна од тоа како звучеа песните. Во полупразната сала на “Метрополис арената” недвојбено беше мислењето дека пзвучувањето било мошне слабо, па песните не можеле убаво да се слушнат подалеку од првите неколку редови. Телвизиските гледачи имаа забелешки на миксирањето на звукот, бидејќи пејачите (со чесни ислучоци) звучеа мошне скромно.

Наградата за животно дело му беше доделена на Славе Димитров

Останати вести