Ердоган потпиша указ со кој “Аја Софија“ се пренаменува во џамија

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, потпиша декрет со кој истанбулската “Аја (света) Софија” повторно ќе биде џамија.

Ердоган го потпиша указот откако турскиот Висок административен суд ја поништи одлуката на Советот на министри од 24 ноември 1934 година за пренамена на “Света Софија” од џамија во музеј.
Турскиот претседател на Твитер го објави потпишаниот декрет истакнувајќи оти е донесена одлука контролата над џамијата “Аја Софија” да се предаде на турската верска дирекција и да се овозможи богослужба.
Според неофицијални извори првата молитва во џамијата најверојатно ќе се одржи на 15 јули, дента кога во 2016 година беше осуетен обидот за државен удар во Турција.
“Света Софија” била најголемата христијанска црква кога била изградена во 6 век од Византијците, а во џамија е претворена веднаш по османлиското освојување на Константинопол (Цариград), денешен Истанбул, во 1453 година. Статусот од верски објект во музеј бил променет со указ во 1934 година од тогашниот турски претседател Мустафа Кемал Ататурк.
“Света Софија” во 1985 година е прогласена за споменик на светското културно наследство на УНЕСКО.

Останати вести