Ајкули ќе ги спасуваат коралните гребени во Австралија

Ајкулите се од витално значење за опстојувањето на коралните гребени, заклучија научниците откако спроведените истражувања на северо-западниот брег на Австралија покажаа дека гребените изумираат во областите каде има прекумерно ловење на ајкули, објавија медиумите.

 

Овие најопасни предатори се потребни за одржување на рамнотежата во синџирот на исхрана и развивањето на гребенот, изјави Марк Микан од Австралискиот институт за океанологија, за мрежата “Аустралијан бродкестинг корпорејшн”.
Опаѓањето на бројот на ајкули може да доведе до зголемување на популацијата на нивниот вообичаен плен, предаторски риби со средна големина, откри тимот австралиски и канадски научници на Микан.
Со зголемувањето на нивниот број овие риби со средна големина јадат поголемо количество помали риби што обично ги јадат алгите што растат на овенатите делови на коралот.
“Рибите што јадат алги се од огромно значење бидејќи го чистат коралот од алги и му овозможуваат да се обнови”, изјави Микан.
Овие ајкули треба да се заштитат за да се зачува рамнотежата на еко-системот на коралот и да му се овозможи да се регенерира, вели тој.

 

Останати вести