Од ДУИ тврдат дека последниве денови имало интензивни контакти на највисоко ниво помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, иако двете спомнати партии тоа децидно го негираат. Се тврди дека се договара некаква амнестија на врвот на ДПМНЕ ако сака СДС да дојде на власт.
Политичките лидери: Груевски, Заев и Ахмети во суштина влегоа во политички лавиринт, поради што е целосно неизвесно дали и кога ќе има конкретни чекори за деблокирање на Собранието и трансфер на власта. Наспроти најавите од СДСМ дека во брзо време ќе се избере претседател на Собранието и дека новото парламентарно мнозинство ќе формира влада, се уште нема ниту конкретни чекори, ниту пак информации на кој начин ќе го реализираат тоа.
Минатата седмица се раширија шпекулации дека во овој период имало интензивни тајни контакти и разговори помеѓу Никола Груевски и Зоран Заев.
Иако и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ демантираат дека партиските лидери имале директни средби и преговарале, од ДУИ се децидни во тврдењето дека вакви средби има и дека од нив очекуваат суштински договор кој ќе значи деблокирање на Собранието.
Портпаролот на ДУИ Бујар Османи упорно тврди дека деновиве се одржале дури неколку средби меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
„Според нашите информации, веќе неколку дена се одржуваат лидерски средби помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и ние тоа го охрабруваме. ДУИ го изоде својот дел од патот за формирање на новото мнозинство и новата влада. Се надеваме ќе има плод од овие разговори за кои ние имаме информации дека се одржуваат”, вели Османи.
Независно од демантите и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ за наводни средби меѓу Груевски и Заев, во политички кругови вртат шпекулации дека една од темите на разговор меѓу двајцата партиски претседатели било и прашањето за амнестија на функционери од ВМРО-ДПМНЕ коишто се осомничени за сторен криминал.
Тоа на некој начин го потврди и заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска, која тврди дека ВМРО-ДПМНЕ се обидувало и се уште се обидува да добие амнестија и дека определен период испраќале такви сигнали. Таа сепак нагласи дека нема зошто претседателот на СДСМ да се среќава со Груевски. Според неа, овие информации доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ и имаат за цел да предизвикаат раскол во парламентарното мнозинство.
И од ВМРО-ДПМНЕ ги демантираа информациите за средби и повторија дека како партија понудиле повеќе решенија – и патоказ и манифест и предвремени избори заедно со локалните.
СДСМ чека порешителен чекор од ДУИ
Од СДСМ велат дека не може да има никакви поместувања се додека ДУИ не стане порешителна во одлуката да се формира ново парламентарно мнозинство, што значи дека дефинитивно треба да се напушти соработката со ВМРО-ДПМНЕ. Според социјалдемократите, излезно решение е пратениците од ДУИ да го оспорат легитимитетот на претседавачот Трајко Вељаноски. Тој, потсетуваат од СДСМ, седна на претседавачкото столче со согласност на ДУИ иако најстариот пратеник во новиот парламентарен состав е Бранко Манојловски, кој доаѓа од партијата на Ахмети.
„Манојловски и ДУИ треба да го оспорат Вељаноски како претседавач на седницата. На тој начин сметаме дека ќе се отвори патот за избор на претседател на Собранието и деблокирање на процесот за трансфер на власта”, велат од СДСМ. Според оваа партија, ситуацијата дополнително ќе се влоши кога ќе престанат ингеренциите на градоначалниците и советите во општините бидејќи нови локални избори не може да се закажат без нов претседател на парламентот.
Во ДУИ и понатаму се на ставот дека за нив не е прифатливо ниту едно сценарио кое ќе значи дополнително влошување на политичката ситуација. Али Ахмети порача дека решението мора да го најдат двете македонски партии.