Ако има одложување на изборите, Груевски нема да поднесе оставка

Дали гаранторите ќе го “забетонираат” договорениот датум за избори – 24 април? Или ќе има одложување? Хан во Македонија ќе пристигне на 14 јануари, а на 11 јануари, како претходница, во Скопје беше најавена европската парламентарна тројка: Ричард Ховит, Иво Вајгел и Едвард Кукан 

Политичките партии во Македонија се во исчекување на доаѓањето на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, најавено за в четврток. Поминаа новогодишните и божиќните празнувања, пробиени се голем број рокови предвидени во Пржино, а односите помеѓу спротивставените политички сили кулминираат во неподносливост.
Опозицискиот СДСМ инсистира дека не може да се оди на избори на 24 април ако претходно не се затвори поглавјето за медиумите и не се расчисти избирачкиот список.
“Нема да се појавиме на избори кои нема да бидат регуларни и точка”, велат од опозициската партија. Бидејќи практично нема време за да се исполнат бараните услови, веќе се шпекулира со термин на крајот на јуни или пак во септември.
Согледувајќи ја опасноста од продолжување на кризата, владејачката ВМРО-ДПМНЕ бара прво да се “забетонира” датумот за одржување на изборите, а дури потоа да се премине во усогласување на отворените прашања. Во зависност од тоа дали изборите ќе се одржат на 24 април или подоцна, ќе зависи и одлуката на премиерот Никола Груевски дали и кога ќе поднесе оставка од премиерското место и кого неговата партија ќе го постави како „привремен” премиер.
Во Изборниот законик е прецизно дефинирано дека премиерот поднесува оставка 100 дена пред изборите. Ако се пролонгира закажаниот термин, тогаш и Груевски нема намера сега да абдицира.
Според Пржинскиот договор, техничката Влада треба да се избере на 15 јануари. Идејата е да се смени само премиерот, додека останатите министри би останале на истите функции. Како технички премиер се спомнуваат имињата на Никола Тодоров и на Зоран Ставрески, кои можат истовремено да ги задржат и сегашните функции.
Партискиот портпарол Иво Котевски деновиве излезе со став дека ако нема избори на 24 април, тогаш за ВМРО-ДПМНЕ нема повеќе да важи ниту договорот од Пржино. Тоа значи, како што вели, дека ќе се укине и Специјалното обвинителство, ќе се истераат министрите од СДСМ и состојбата ќе се врати како пред 15 јули.

Останати вести