Павле Велјаноски
Која година дојдовте во Австралија и каква беше вашата активност?
– Јас во Австралија дојдов во 1972 и веднаш станав активен член во тогашната македонска заедница. Во 1989 бев избран за член на управата на македонскиот културен центар “Илинден”, каде најпрво бев избран за претседател на домовната секција па потоа на КУД “Илинден”, и на крајот станав секретар на МКЦ “Илинден”, функција што ја извршував се до 2012 година.
Можам да кажам дека бев и член на управата на тогашната “Македонска обединета општина” каде извршував разновидни функции. Во 2001 оформив здружение под име “Македонците од Перт за Македонија”, чија цел беше да им се помогне на деца на бранителите на Македонија што беа ранети или загинати од судирите со терористите. Во тоа време собравме околу 50,000 илјади долари што им беа пратени директно на фамилиите на загинатите бранители, а податоците од таа акција се уште ги чувам. Со задоволство ќе потенцирам дека бев и долгогодишен уредник и водител на македонскиот радио час при МКЦ “Илинден”.
Зошто не сте активен повеќе во македонската заедница?
– Па, цело време работев за обединување на двата македонски клуба во Перт затоа што сум со мислење дека не сме многу клубови во овој град и тоа заедништво ќе ја зајакне нашата заедница, но за жал од одредени причини таа цел не се постигна и не го гледам моето место во управите на нашите клубови во Перт.
Што работите денес?
– Како и сите луѓе сум домаќин човек и си го гледам бизнисот дома но секогаш ја подржувам македонската заедница.