Активности на македонските парламентарци во Австралија

Антонио Милошоски и Милорад Додевски, пратеници во македонскиот Парламент, на македонската програма на СБС имаа настап во живо. Им упатија апел на пензионерите да се враќаат во Македонија, а пак Милорад даде изјава дека е против преговорите за името, додека Милошоски е за замрзнување на преговорите додека Грција не ја признае пресудата од Хаг.

Водителката на програмата Маргарита Василева го покрена прашањето за малиот број гласови со кои е избран за пратеник Милорад Додевски “само 400 гласови”, на што пратеникот Милорад објасни дека биле “над 600 гласови”. Исто така се зборуваше за предлогот на новиот закон со кој се бара да се има минимум 25 проценти од регистрираните гласачи за да може да се избере парламентарец, на што повторно добивме објаснување дека во тој случај ако се 1,000 гласачи и со 250 добиени би можел да биде избран новиот пратеник. Тоа е навистина апсурдно и зачудувачко, кога ќе се присетиме дека за номинација на минатите избори се бараше дури 1,000 потписи на регистрирани гласачи, доколку не е дадена таа номинација од партиите. Апсурдот е уште поголем бидејќи никој не ни знае колку има гласачи моментално регистрирано во изборната единица за Австралија, ниту каде живеат тие.
Во Мелбурн гостите од Македонија се сретнаа со претставници на задграничниот комитет на ВМРО–ДПМНЕ, од кои се информирале како стојат работите во Австралија. Подоцна во конзулатот на Македонија оствариле средба со претседателот на Советот за Мелбурн и Викторија, Роберт Трајчески и со Ордан Андреески од Обединетата Македонска Дијаспора.

Во петокот навечер во Италијанскиот клуб во Кило Ист, пратениците имаа можност да присуствуваат и на Божикна прослава организирана од страна на лидерот на опозицијата Бил Шортен и лабуристичките пратеници од Викторија, од западните предградија како: Телма Лонглан, Марша Томсон, Марлин Каруз, Натали Хатчинс и Џастин Медн. На таа средба пратениците биле донесени од Симе Ацевски и конзулката Бети Коруновска и биле видно изненадени дека кетерингот бил од страна на персонал што зборува македонски јазик, односно го водел нашиот Трајче –Лисолајче Петревски. Меѓу присутните се забележани и поранешниот македонски градоначалник на општина Бримбенк ,Трајче Атанасовски, Џими Котевски и други.
Во неделата двајцата пратеници заминаа за Канбера на патронатот на МПЦ Св. Климент Охридски. Во понеделникот имаа договорени средби со сенаторот на либералната партија, Алан Еглстон, од Западна Австралија, што е дел од комитетот за надворешни работи, одбрана и трговија, со цел да се види какви чекори да се направат од двата парламенти за понатамошно подобрување на билатералните односи.
Во вторник завршува официјалниот дел со посета на Сиднеј и е договорена средба со доктор Зоран Бечваровски. Претстојат претседателски избори во првиот дел на 2014 година и се очекува да зачестат посетите на официјални лица од Македонија, а во заедницата се повеќе има гласни негодување за тоа што не постојат можности за контакт со претставникот во парламентот од Австралија, Милорад Додевски. Факт е дека е невозможно да се покрие целиот континент со две три посети во годината од по неколку денови, но пожелно е тој да си изнајде начини како да комуницира со својата изборна база.

А пак во Република Македонија опозициската СДСМ официјално побара од пратеникот Антонио Милошоски да му се извини на покојникот великан Блаже Конески, како и на целата македонска јавност. На свеченоста по повод 20 годишнината од смртта на Конески, во неговото родно Небрегово, Сашо Велески, претседател на општинската организација на Прилеп, го прозва Милошоски: Денес чествуваме 20 години од смртта на втемелувачот и кодификатор на современиот македонски јазик, на истакнатиот македонски книжевен работник, светски реномиран славист, лингвист и поет, првиот претседател на МАНУ, великанот Блаже Конески. Научниот придонес, творештвото и историско книжевното дело на Конески, се од непроценлива вредност и значење за нашиот правопис, граматика, за македонската култура и идентитет. Историјата и идните генерации засекогаш ќе го паметат како клучна фигура на браникот на македонскиот говорен и пишан јазик. Денес, благодарение на големиот Блаже Конески современиот македонски јазик е дел од светската енциклопедија на живи јазици, и сечиј обид да го негира неговото постоење ќе заврши бесуспешно. Неговата порака дека јазикот е нашата татковина има посебно значење и важност во овие денешни времиња, кога нашиот македонски идентитет е нападнат од надвор, но, за жал и нагризуван одвнатре. Затоа и денес и во секоја наредна прилика, ќе го повикуваме господинот Антонио Милошоски, актуелен пратеник и поранешен министер за надворешни работи, за кого Блаже Конески е “Џуџето од Небрегово ” да му се извини на целиот македонски народ, затоа што за сите нас Блаже Конески е Џинот од Македонија, се вели во пораката од прославата во селото Небрегово, што силно одекна во македонската јавност.

 

Останати вести