САД НЕ ЗНААТ ДАЛИ НИВНИТЕ СОЈУЗНИЦИ ПОМАГААТ
Исламската група Фронтот Ал Нусра во САД официјално се смета за терористичка организација. Еден офицер на висока функција од оваа терористичка организација изјави дека Американците се на нивна страна, односно дека американско оружје се испорачува до Ал Нусра преку владите што Вашингтон ги поддржува.
Kомандантот за германски медиуми вели и дека американски инструктори одат во Сирија за да ги учат како да ја користат новата опрема, но американскиот Стејт департмент ги негира ваквите информации и наведува дека сепак е можно неименувани американски сојузници да ги поддржуваат џихадистите во Сирија, пренесува „Раша тудеј”.
– Да, САД ја поддржуваат опозицијата во Сирија, но не директно. Тие ги поддржуваат земјите што нè поддржуваат. Но, ние сè уште не сме задоволни со оваа поддршка – истакнува командантот на единица Абу Ал Ез за германски „Kелнер Штат Анцигер”.
Портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, истакна дека тоа е комплетна глупост.
– Никогаш не би им дале каква било помош на Нусра – рече тој, објаснувајќи дека групата е странска терористичка организација.
Според Ал Ез, милитантите треба да добиваат повеќе софистицирано оружје од нивните поддржувачи за да успеат во борбата против сириската влада.
– Борбата е тешка, режимот е јак и добива поддршка од Русија – објаснува тој.
Ал Ез додава и дека Ал Нусра добива битки благодарение на американски ракети. Запрашан дали ракетите биле наменети за Ал Нусра или групата ги земала од умерената Слободна сириска армија, џихадистот вели дека ракетите им биле дадени директно на нив. Новинарот го прашал дали американски инструктори биле меѓу џихадистите.
– Американците се на наша страна – одговара Ал Ез.
Додава и дека на нивната група било плаќано за постигнувањето одредени воени цели во текот на конфликтот.
– Добивме 500 милиони сириски фунти (околу 2,3 милиона долари) од Саудиска Арабија. За да го освоиме военото училиште во Ал Муслимија, пред неколку години добивме 1,5 милион кувајтски динари (околу 500.000 долари) и дополнителни 5 милиони долари од Саудиска Арабија – кажал Ал Ез.
Тој истакнал и дека парите ги добиле од владите на тие земји, не од приватници. Ез вели и дека Израел сега ги поддржува затоа што е во војна со Сирија и Хезболах.