Алана Mектиернан во посета на Mакедонија

Федералната пратеничка од Западна Австралија, која порано беше и државна пратеничка а и градоначалник на општина Винсент, од вторникот е во Македонија.

Дознаваме дека Мектиернан ќе има средба со претседателот Ѓорге Иванов, министерот за надворешни Никола Попоски и пратеникот Антонио Милошоски кој е претседател на парламентарната група за пријателство со Австралија. Таа е позната во нашата јавност како една од ретките пратеници во Канбера што го покренаа прашањето за сменување на срамната владина одлука за именување на Република Македонија под кратенката ФИРОМ.
Пред точно година дена Алана Мектиернан застана во поддршка на барањето на македонската заедница во Австралија за конечно признавање на Република Македонија под уставното име. Мектиернан зборуваше во австралискиот Парламент откако министерката за надворешни работи Џули Бишоп со писмо ја информираше македонската заедница дека Владата ќе остане на својот став да ја употребува привремената референца во комуницирањето со Република Македонија.
„Силно го поддржувам барањето Австралија да ја признае Република Македонија под името кое оваа земја самата си го одбрала. Разбирам колку силно се револтирани Македонците во Австралија, како и сите Македонци, кои се противат на именувањето на Македонија како ‘поранешната југословенска Република Македонија’. Мислам дека здравиот разум ни налага да престанеме да нарекуваме една земја со име кое таа самата не го поднесува. Мораме да истакнеме дека Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство почнаа да и се обраќаат на Македонија со името Република Македонија, и навистина би сакала да ги видам двете партии во Австралија да се обединат околу ова прашање”, изјави Мектиернан во своето обраќање во средата. Мектиернан е пратеничка на опозициската Лабуристичка партија, избрана од Перт, град во кој има значителна македонска заедница. Уште еден пратеник од Перт, Лук Симпкинс од владејачката Либерална Партија неодамна го постави истото барање до Владата.
Наспроти барањата на Македонците во Австралија, австралиските партии се соочуваат со притисок од нешто поголемата грчка заедница, која инсистира Австралија да продолжи да ја признава Македонија под времената референца.

Останати вести