Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на собир на Камениот мост во Скопје се наврати на минатото и порача дека Гоце Делчев соработувал со албански и македонски патриоти и дека не се кае за тоа што изјавил дека треба да се почитува неговата мисија, односно како што вели тој – Делчевизмот.
– Имало соработка на албанските патриоти со македонските движења, и не се каам што сум рекол дека треба да се прифати Делчевизмот, значи да се прифати Гоце Делчев бидејќи соработувал со албанските патриоти. Имам порака за новите политичари на ова земја кои прават хомогенизација за едно челично обединување помеѓу нив, само премиерот да не биде Албанец, нека се вратат во минатото и ако имаат почит за Гоце Делчев ќе видат дека тој има одржано говор пред Албанците во Скопје, Битола и Прилеп со бело кече што го ставал на глава. Ако тие се потомци на Гоце Делчев, ова кандидатура требаше да ги направи среќни, рече Ахмети.
Оваа изјава на Ахмети за Гоце Делчев со кече на главата ги изненади македонските историчари, ама и историчарите Албанци.
– Со полна одговорност велам дека тоа не е точно. Јас се занимавам со проучување на тој период од историјата и гарантирам дека не постои документ во кој се вели дека Гоце Делчев носел кече. Тој дури и не дејствувал во делот од Македонија каде живеат Албанци – изјави за „Лајм” професорот Неби Дервиши. И на историчарот Решат Неџипи не му е познато дека постои историски документ во кој се вели дека Делчев носел кече, а такво нешто не чул од никој друг, освен од Ахмети.
Би било од полза да продолжиме со СДСМ, но граѓаните одлучуваат
Ахмети во интервју за емисијата “200” на ТВ “Алсат” посочи дека би сакал да продолжи соработката со СДСМ.
– Сега, јас не сакам да прејудицирам, но по моето мислење и процена би било од полза да продолжиме истите партнери, затоа што има прашања кои сме ги започнале – рече Ахмети.
Сепак, одговарајќи на дополнително прашање дали тоа значи оти го преферира СДСМ, тој кратко одговори дека „одлучуваат граѓаните”.
