Албумот на Кети Пери во Австралија прогласен за биолошка катастрофа

Новиот албум на Кети Пери, наречен „Призма”, е прогласен за можна биолошка катастрофа во Австралија поради стравот дека семето што се наоѓа во пакувањето може да претставува ризик за дивиот свет, пишува Дејли мејл.

 

Луксузната верзија на албумот содржи мало пакетче со семки од цвеќе со кое пејачката од САД сака да ги охрабри своите обожаватели да почнат да ги садат и да ја „шират светлината”.

Продукциската компанија на Кети Пери се обидела да го увери министерството за земјоделство дека сите верзии на пакувањата содржат локално набавено семе и дека не претставуваат закана за екосистемот на која било земја, па ни на Австралија.

Претставник на министерството изјавил дека царината е под тревога и дека ги проверува сите албуми што влегуваат во земјата поради страв дека интернационалната верзија содржи семе што го нема во Австралија и кое може да го наруши биодиверзитетот.

„Владата има систем што има задача да детектира и да реагира на каков било материјал што може да биде опасност за биодиверзитетот на Австралија, а тука се вклучени писмата, пакетите и багажот”, изјавил тој.

Останати вести