Широката насмевка на Воислав Ковачевиќ ќе ве пречека сретсело, пред локалната продавничка во селото Бањани на Скопска Црна Гора, ако сакате да посетите некој од тамошните цркви и манастири.
Има деведесет години и е најстар жител во селото. Ама се чини дека тоа не му е проблем. Бистриот ум го служи повеќе и од на млад човек. Ги вади клучевите од капијата и нѐ внесува во дворот на црквата посветена на великомаченикот и победоносец свети Ѓорѓи, која е изградена и насликана во 1548-1549 година.
– Оваа ни е селска црква, а во селово има уште четири манастри – „Свети Илија”, „Благовешетение”, „Св. Јован” и „Св. Богородица”. Порано селово имаше 150 куќи, имаше многу народ, сега нема. Затоа има многу цркви, зашто имало луѓе. За 10-15 години ќе остане селото празно. Одговорен сум за црквите веќе 25 години, ги одржувам. Работам за своја душа. Секоја недела сум тука, дали ќе дојде еден или ниеден. Се одвикна народот од црква – вели Воислав.
Воислав е роден во селото. Исто како и неговиот дедо и прадедо. Вели дека има мала пензиичка, ама не страда за ништо, си го чува здравјето.
Со нас е и историчарката на уметност Јехона Спахиу, која напамет ги знае сите сцени во црквата, како и сѐ што е поврзано со неа. Црквата, иако е позната во научната литература, сѐ уште нема добиено поголема афирмација и популаризација.
СПЕЦИФИЧНИ ИКОНОГРАФСКИ ДЕТАЛИ
– Црквата е градена три години, во тешки времиња, за време на владеењето на султанот Сулејман Величествениот, чие име се наоѓа во самиот натпис. Тоа е првата половина на 16 век. Подоцна, во текот на 19 век има нови зафати, како што е доградувањето на припратата на западната страна и сликањето на истиот простор. Во внатрешноста на црквата има традиционална сликарска програма, меѓутоа таа се одликува и со малку поневообичаен избор и распоред на теми и сцени со интересни иконографски детали – раскажува Спахиу.
Во олтарскиот простор, покрај темите со литургиска конотација, една од повпечатливите композиции е поретко сликаната Божиќна стихира, што претставува илустрација на црковната песна посветена на Христовото раѓање, а му се припишува на Јован Дамаскин.
– Сликарството, кое се одликува со експресивност на лицата, раздвиженост на фигурите, детализирање на облеката, архитектурата и пејзажот, темен, но некаде и необично интензивен колорит, е настанато од зографи, кои останале анонимни. Нивните стилски карактеристики се блиски на сликарскиот јазик на двајцата најпознати зографи на Охридската архиепископија од првата половина на 16 век, Јован од Грамоста, чие најзначајно остварување е сликарството во црквата „Св. Никола” на Топличкиот манастир и зографот Онуфриј од Аргос и особено неговата уметничка дејност во црквите „Св. Преображение” и „Св. Никола” во Зрзе – објаснува Јехона.
Иконостасот, заедно со т.н. змиски крст, веројатно е настанат во 1845 година, што се дознава од потписот на иконата Богородица со Христос од познатиот зограф Димитар Крстев – Дичо од Тресонче, кој во овој период има плодна сликарска активност во Скопскиот регион, особено во Бањани.
Следната 1846 година, Дичо Зограф ќе го наслика впечатливиот Страшен суд на западната фасада, односно на целата површина на источниот ѕид од припратата, кое е едно од неговите најдобри ликовни остварувања. Над влезот во црквата е испишан ктиторскиот натпис, во кој покрај името на Дичо Зограф, е наведено дека црквата е обновена со заслуга на ктиторот Петар Каовче и жителите на селото.
– Во рамките на Страшниот суд се наоѓаат и интересни композиции како Психостасија (мерење на душите), Општиот воскрес, Огнената река што тече во челуста на адот во кој е прикажан Велзевул – господарот на подземјето, заедно со душата на Јуда во рацете, Мојсеј со иноверниците, различни категории и индивидуални мачења на грешници. Меѓу четирите пагански цареви произлезени од Визијата, односно сонот на пророкот Данаил, симболизирани со појавата на четири животни како симбол на четирите империи на старите народи, кои пропаднале со доаѓањето на Христос – Вавилонското, Персиското, Македонското и Римско Царство, прикажан е и Александар Велики – вели историчарката на уметност.
ТРКАЛО НА ЖИВОТОТ
Меѓутоа, Александар Велики не е насликан само во овој манастир. Тој е прикажан во рамките на истата композиција и од поствизантискиот период, во „Св. Богородица Перивлепта” во Охрид и на источниот ѕид во припрата на кучевишкиот манастир „Св. Архангели”.
Посебно впечатлива сцена е онаа на кој е прикажано Тркалото на животот.
– Тркалото на животот има религиско-поучна конотација. Тоа е тема што ја илустрира минливоста на човековиот живот и на времето како незапирлив круг, а вербата во Бога, црквата и спасот на душата се тие што имаат трајно значење. Тука насликано во една поредуцирана, поедноставена варијанта, на левата страна е тркалото што го персонифицира животниот круг, кој почнува со дете на 10-годишна возраст, па 20 и 30, додека на 40 години е прикажана фигура со круна на главата и со натпис што го карактеризира како врв на мудроста и добриот разум. Кон дното одат другите животни доби, од 50 до 70 години, каде што веќе е прикажан побелен старец. Веќе како 80-годишен старец е прикажан со главата надолу како паѓа кон отворен гроб – додава Спахиу.
(#РаскажиНиЗаМакедонија)


