Разговор со Аце Петровски, еден од најуспешните наши ентузијасти во дијаспората:
– Како е родена идејата за Александрово Оро?
Во Друштвото Никола Карев бев играорец од првиот настап во 1978 год. Од 1989 год. станав кореопетитор на друштвото. Фолклорот многу го сакав, ми беше во душата па не сакав да останам само кореопетитор, сакав да бидам кореограф а за да си кореограф треба да имаш поставено свое оро – кореографија. Размислував подолго што да поставам свесен оти ме очекува голема и одговорна работа. Повеќето од нашите ора се направени врз основа на нашата историја и нашите традиции. Како што се ората: Комитско; Илинденска Епопеја; Тешкото; Невестинското; Калајџиското; Жетварки; Тутуноберачи; Гроздобер и др.
Се одлучив за најтешкиот чекор . Штета беше а за моја среќа што немаше оро за нашата далечна историја од времето на Филип и Александар. И така со доста испитувања и работа во 1995 год. точно пред 20 год го поставив Александрово Оро. За прв пат го изигравме на Македонскиот Илинденски Фестивал на кој се натпреваруваа 16 К.У.Д од Викторија а Никола Карев со Александрово Оро го освои првото место. Александрово Оро тогаш беше снимено од J.S.C.P видео продукција на самиот Фестивал. Секогаш имав желба Александрово Оро да го снимиме во студио најпрофесионално ама и како филм. Еве дојде времето таа желба да се оствари.
– Дали со него настапувате и во Македонија и како реагира публиката?
Да. Во 2003 год кога бевме на турнеја во Македонија настапувавме насекаде. Публиката многу добро го прифати Александрово Оро, добивме многу пофалби, беа воодушевени. Минатата година кога бевме не настапивне затоа што настана смена на генерација кај играорците, ги немавме улогите на Филип и Александар. Значи има времиња кога не можеме да настапуваме со него.
–Во видео записот видовме дека се ангажирани Јордан Митев и К16 Продукција на овој проект, како дојде до соработката?
Со Јордан Митев имаме соработка повеќе години. Друштвото Никола Карев е организатор на сите негови турнеи низ Австралија па така го замолив да ја обработи и да ја сними студиски музиката во Македонија. Му ги кажав плановите за снимање на Александрово Оро на локации со повеќе сцени и позадини. Јордан на оваа идеја понуди тој со негова екипа во Македонија да го реализира тоа, но доколку Александрово Оро се сними тука во Австралија на зелено платно. К 16 ги запознав во Сиднеј. Тие изразија желба да ги снимаат некои од концертите на Јордан. А исто снимија два видео спотови за Јордан Митев. Па така со работата што ја направија бевме задоволни и ги поканив тие со повеќе камери да го снимаат Александрово Оро.
–Видеото има превод на англиски, дали имате намера тоа да се понуди и на пошироката јавност во Австралија?
Да. Секако тоа е најголемата причина а друго и нашите Македончиња сакам да го разберат Александрово Оро. Многу од нашата заедница а и од пошироката заедница малку знаат за историјата на Александар Македонски. Во Александрово Оро се покажуваат главните работи на Александар Македонски. Преку фолклорот на симболичен начин е прикажана вистината за кого се борел, против кои народи се борел, како постана крал и други работи.
– Од каде толкава љубов кон македонската фолклорна традиција, од детството, од семејно наследство или?
Од секогаш сум ја сакал музиката и песната и така започнав да играм во Друштвото Никола Карев. По неколку години имав понуда да играм во Ансамблот Танец во Македонија но не прифатив заради тоа што требаше да се разделам од родителите Никола и Виса и братот Јован Петровски кои живееја тука во Австралија.
– Добивате ли некаква финансиска поддршка или сите активности ги остварувате со самофинансирање?
Снимањето, опремата и сите други работи за Александрово Оро не чинат многу пари. Благодарение на наши бизнисмени на кои бескрајно им благодарам пола од тие трошоци се покрија со нивна помош. Останатите финансиски трошоци ги сноси Друштвото па се надеваме од продажбата на видео лентите ќе ја намалиме таа загуба. Но и ако бидеме во минус ние направивме нешто историско за македонизмот а тоа е повеќе од парите.
– Каква е иднината на нашите КУД во Австралија?
Жалам што морам да кажам дека иднината на нашите К.У.Д не е добра. Не сакам да ги бранам друштвата но во друштвата не е проблемот. Во друштвата има добри управи и добри кореографи да работат со децата но ги немаме тие деца со кои ќе може да се работи. Тука целата македонска заедница треба да помогне и да ги донесат нивните деца да го изучуваат македонскиот Фолклор за доброто на Македонската Култура.
– Вие сте едно од најпознатите КУД во дијаспората, какви планови имате за наредната година?
Нашата добра работа и нашите големи успеси досега не направија да бидеме токму така, едно од најдобрите ако не и најдобро друштво во дијаспората. За наредната година имаме организирано во март и април концерти со групата Маестрал од Битола и Елена Јовчевска . Исто така ќе имаме концерти и во октомври со естрадни уметници од Македонија. Имаме закажано веќе неколку настапи на Друштвото на разни фестивали овде во Викторија.
Игор Павловски



Александрово оро можете да го гледате на ДВД
Единственото оро за нашата далечна историја од времето на Филип и Александар е направено во 1995 год. Точно пред 20 год. АММД Никола Карев го изигра Александрово Оро. Кореографот на друштвото Аце Петровски со играорците за прв пат го претставија пред јавноста на Македонскиот Илинденски Фестивал на кој се натпреваруваа 16 К.У.Д од Викторија а Никола Карев со Александрово Оро го освои првото место. Желбата на АММД Никола Карев Александрово Оро да биде снимено во студио најпрофесионално како филм се оствари.
Видеото има превод на англиски, и од овој месец ќе се понуди и на пошироката јавност во Австралија.

