Алтона Ист – Алтона Меџик Вардар 0:2 (0:2)

Прва фудбалска лига на викторија-10 коло
“Магичните” доминираа во текот на целиот натпревар и постигнаа победа речиси со половина сили. Тренерот Тортевски на клупата го остави брзиот Кларк, како и новото засилување Висевиќ, но и без нив се играше брзо и мотивирано, посебно во првите 45 минути, додека во продолжението, задоволни со водството, гостинските играчи повеќе се проигруваа, спласна играта и во овој дел освен неколкуте шанси не видовме ниту еден гол.
Алтона Ист, кој се наоѓа во долниот дел на табелата, стравувајќи да не прими дузина голови, играше поповлечено на својата половина. Сепак, лидерот откако ја презеде контролата на теренот, во 15 минута дојде во водство. Хејн изведе корнер, скокна највисоко Томсон и со глава го откри резултатот, домашниот голман Пикфорд беше немоќен.
На 0:2 зголеми Баракат во 30 минута. Повторно добар центаршут на Хејн, скокна со глава Мек Шејн, голманот ја одби топката, натрча Баракат и со луциден удар ја смести во мрежата.
Во предиграта резервниот тим на Алтона Меџик Вардар ја победи Алтона Ист со 4:1. Во сабота, на 11 јуни, Алтона Меџик Вардар игра со Норт Саншајн со почеток во 17.30 часот на својот терен во Паисли Парк.

Останати вести