Алтона Маџик Вардар – Сиднам Парк Македонија 3:2

Прва државна лига на Викторија северо–запад, 18 коло
Македонско дерби во кое Алтона Маџик Вардар од самиот почеток започна со силен напад. Тоа вроди плод во 20 минута кога Дени Баракат постигна гол за 1:0. Во 32 минута доминацијата ја награди со уште еден погодок Ејџе Адамсон, кој го матираше голманот за 2:0. Со овој резултат заврши првиот дел од средбата.
Во второто полувреме претежно се играше на средината на теренот со доста прекини. Како момент на пресврт во играта беше 63 минута, Скот Робсон заслужено доби црвен картон по еден опасен старт од зад грб врз фудбалерот на Сиднам. Алтона Маџик Вардар остана со десет играчи на теренот, и Сиднам Парк Македонија започна да ја презема иницијативата на играта. По неколку шанси пред голот на домаќините, во 84 минута, Даниел Марковски постигна гол за 2:1. Осоколени од намалувањето фудбалерите на Сиднам започнаа со опсада и во 92 минута извонредниот Коце Делев ја затресе мрежата за 2:2.
Никој не очекуваше дека после ова изедначувањето Алтона Маџик Вардар, со десет играчи, во последните секунди ќе направи сензација. По шутот на Адамсон топката се одби и дојде до Џејсон Хејн, кој го постигна голот за уште една победа на А.М. Вардар. Екипата навистина покажа дека е шампионска и може да го издржи психолошкиот притисок со целосна самодоверба дека на крајот ќе триумфира.
Во сабота, на 13 август, Сиднам Парк Македонија на домашен терен ја пречекува екипата на Кило Парк со почеток во 15.00 часот. Истиот ден Алтона Маџик Вардар гостува кај Вестгејт со почеток во 17.30 часот.

Останати вести