Стотина племиња во Амазонија ги „преживеале” шпанската и португалската колонијална власт, никогаш не ја почувствувале, ниту денес имаат поим дека таа некогаш се случила. Во Бразил живеат 67 вакви племиња, а до пред десетина години се верувало дека ги има 40.
Тоа се т.н. неконтактирани племиња, кои не се свесни дека надвор од нивната џунгла постојат други луѓе, а камоли дека тие луѓе достигнале ниво на технолошка софистицираност.
Навистина, некои племиња биле или се во контакт со веќе контактирани племиња, но, генерално, остануваат несвесни за надворешниот свет.
Во резерватите влезот е забранет
Вакви племиња не живеат само во Бразил, туку и во други земји од Јужна Америка, но во Бразил предничат, а ги има и во Индонезија, Папуа Нова Гвинеја. Поголемиот дел од нив бројат по стотина луѓе, а има и со по 30, па дури и со само пет припадници.
Често се случува да бидат масакрирани во судирите со други неконтактирани племиња или со бандите на нелегалните дрвосечачи, трагачите по злато или криминалците што одгледуваат дрога.
Нивниот број, не само на поединците, туку и бројот на таквите племиња, варира затоа што се случува непријателот да ги коле своите соплеменци.
Тие зборуваат изолирани јазици и по правило се занимаваат со лов и собирање плодови и живеат како што луѓето живееле пред 10.000 години.
Државата води сметка колку-толку, па секојпат кога ќе се открие племе, таа ја одредува територијата како резерват во кој строго е забранет влез. Тоа не поминува лесно, бидејќи локалното население се буни, а криминалците и нелегалните дрвосечачи не ги почитуваат забраните, иако бразилскиот устав на сите домородни племиња им гарантира сопственост над територијата каде што традиционално живеат.
Kонтактот доведува до шок, па и до смрт
Kога авион ќе прелета преку нивните живеалишта, тие доживуваат културен шок. Често на „челичните птици” одговараат со стрели.
Можеби најтрагичен пример е „Човекот во дупка” или „Последниот од своето племе”, како што јавноста го нарекува лицето што е последен припадник на своето, сега изгубено племе. Не се знае на кој јазик зборувал, а ни како племето се викало. Познато е само дека прекарот го добил по дупките пронајдени на секоја локација во која живеел и кои ги користел за фаќање животни или се криел во нив. Дупките биле длабоки два метра.
Првпат за него се дознало во 1996 година, а во 2007 година бразилската влада му доделила осум илјади хектари, а потоа уште три. И покрај тоа, во 2009 година тој е нападнат од „цивилизиран човек”, но се верува дека преживеал.
„Човекот во дупка”, секако, нема поим дека владата се бави со него. Тој не знае ни што е држава, ни што е свет, а не знае ни дека Земјата е тркалезна. За него Сонцето најверојатно е вжарен диск. Но, тој знае да преживее во џунгла, додека сите ние би биле мртви многу брзо ако сме на неговото место.
Сето тоа на некој начин е фасцинантно – стотина племиња во Амазонија денес живеат во благо незнаење за тоа што го поминал светот во последните 10.000 години од историјата.
Од овие неконтактирани племиња во Бразил, 16 живеат во сојузната држава Амазонас, седум во Рондонија, осум во Пари, три во Мато Грос, две во Акра, и по едно во Амапо, Марањау, Рораими, Токантинс, Гојас и Минас Жераис. Во 2013 година било објавено дека постојат 104 локации на кои живеат такви племиња, но во меѓувреме е воспоставен контакт со 17 од нив, 26 локации се потврдени, а 78 се под истрага.
Меѓу другото, постои голем морален проблем околу контактирањето со ваквите племиња. Тоа не само што доведува до шок и уништување на нивниот начин на живеење, намерно или ненамерно, туку може да доведе и до смрт од заразни болести на оние што не се имуни. На пример, две третини од едно племе во Kолумбија по контактот во 2003 година умреле токму поради тоа. Не мора да биде во прашање сериозна болест, тие умираат и од обична настинка.