Амбасадорите на Франција, Италија, Велика Британија, Германија и на ЕУ, како и заменик-амбасадорот на САД дојдоа групно пред Владата и дадоа заедничка изјава, по што си заминаа.
Тие го повикаа премиерот Никола Груевски да си го овласти тимот за да го спроведе договорот од Пржино, и брзо да ги спроведе сите неопходни реформи за да обезбеди рамноправен терен за избори и нивно национално и меѓународно признавање како веродостојни, како и сносење одговорност за евентуални нерегуларности.
Тие го повикаа и СДСМ да ја почитува обврската повеќе да не објавува прислушувани материјали.
Премиерот Никола Груевски веднаш потоа на Твитер го објавил постот: “Македонскиот народ одлучува на изборите”.
– Сакам да го поздравам ангажманот на меѓународната заедница за помагање и за олеснување на овие преговори. Мојот коментар на Твитер не е ништо друго туку потврда на тоа што е реалност кога доаѓаат изборите. На изборите одлучуваат граѓаните, и воопшто не е во колизија со напорите кои ги прават претставниците на меѓународната заедница да помогнат за да се надмине побрзо сегашната ситуација со преговорите, рече Груевски.