Сара Анастасиеска пред неколку години играше за јуниорските репрезентации на Австралија (У-17 и У-19), земја со најразвиена женска кошарка на светот по САД, а сега ќе биде дел од македонскиот сениорски национален тим и претставува големо освежување за екипата.
Сара живее во Сиднеј а во јануари наполни 20 години, родена е во Скопје, а кога имала четири години со семејството се преселиле во Австралија. Сега Анастасиеска е член на Универзитетот Калифорнија, за кој планира да игра до крајот на студирањето, а една година беше и на Универзитетот Сан Антонио во Тексас.
И покрај тоа што одамна не била во родната земја, врските не само што не и се раскинати туку се многу силни. Сара е пресреќна што ќе игра за Македонија и вели оти била изненадена кога и се јавиле од Македонската кошаркарска федерација за да ја поканат да игра за „црвено-жолтите”. По долгиот прекуокеански лет, таа пристигна во Скопје и веднаш му се приклучи на националниот тим, и уште на првиот тренинг покажа дека има потенцијал и може да биде од помош на позициите бек-шутер и ниско крило, каде е единствената која шутира со лева рака.
„Убаво ми е тука, не сум била во Македонија веќе три години и мило ми е што конечно се вратив. Многу сум среќна што ќе играм за репрезентацијата на мојата родна земја. Јас сум од тука, секогаш сакав да играм за Македонија, и еве, сега ми се исполни желбата. Сите кошаркарки одлично ме прифатија. Гледам дека во тимот има искусни и квалитетни играчи. Од сите учам по нешто. Мислам дека имаме право на оптимизам. Малку сум заморена од долгото патување, но задоволна сум од својата форма по првиот тренинг” – вели Сара во нејзината прва изјава за еден македонски медиум.
Анастасиеска извади и македонски пасош, па во иднина може да се смета на нејзе како долгогодишна репрезентативка.
