Ангела крие многу тајни што ги носи длабоко во срцето

По повод претстојната театарска претстава „Куферот”од Душан Ристевски, поведовме разговор со Валентина Апо­сто­лов­ска која ја игра главната улога со ликот на мајката Ангела.

Ја имате главната улога во „Куферот”, како го гледате ликот на Ангела?

Ангела е наша жена која многу нешта во животот ги жртвуваше за иднината на своите деца. Жена која из губила многу нешта во животот, но и покрај траумите што ги преживеала се уште живее со надеж за исполнување на нејзините соништа. Ангела крие многу тајни и постојано ги носи со себе длабоко скриени во срцето, а и во куферот. Нема да ви откријам ништо повеќе, ќе ве држам во неизвесност.

Значи слободно може да се рече дека оваа улога за вас е најпредизвикувачка?

Апсолутно. Ангела е комплексна особа, на моменти тивка и повлечена, за наредната минута да избувне како експлозив кога нешто ќе ја погоди длабоко во срцето. Тоа претставува голем предизвик за мене затоа што секој момент, секоја нејзина емоција треба да се прикаже во потполност. По природа сум доста емотивна личност но сепак тоа се други емоции и треба да се прикажат правилно. Затоа се трудам колку што можам повеќе да го доловам она што писателот Душан Ристевски го има замислено и напишано. Морам да му оддадам признание на нашиот режисер Стефо Нанцу кој неуморно работи со сите нас за претставата да ви ја прикажеме во најдоброто светло.

Премиерната изведба на „Куферот” е закажана на 7-ми мај во 19 часот во Македонскиот културен центар „Илинден” во Рогдаел, 65 Railway Street Rockdale, и истата е во склопот на традиционалниот Фестивал за уметност на градската општина во Рогдаел.

Дa, премиерата е на 7-ми мај во 19ч во Рогдаел, во Културниот центар Илин­ден во склоп на Фестивалот за уметност на општина Рогдаел, а потоа следуваат претстави на 8-ми мај во 15ч и на 28-ми мај во 19ч исто така во Рокдаел. Во Волонгонг ќе бидеме на 14-ти мај во 19ч во Sun Lounge Function & Reception Centre, 8-14 Stewart Street Wollongong. И во Бенкстeoн на 21-ви мај во 19ч во Bankstown Polish Club, 11 East Terrace, Bankstown.

Иван Трпоски

Останати вести