Потенцијален конфликт меѓу САД и Русија во Сирија би можел да го запали Блискиот Исток, предупреди турскиот министер за одбрана Нуретин Џаникли.
„Доколку се случи напад врз силите (во Сирија) кои ги поддржува Русија или има напад врз силите што ги поддржуваат САД, Русија нема да може да стои на страна или ќе го изгуби своето влијание. Така што можат да почнат сериозни судири”, изјави турскиот министер за телевизијата 24ТВ, пренесува ТАСС.
Тој кажа дека таа опасност постои веќе подолго време и дека „само една искра може да го запали целиот регион и да отвори врата кон конфликт”, и ги повика САД и Русија да дејствуваат воздржано, а режимот на Башар Ал Асад да престане да поддржува терористички групи.
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ порача на Русија да се спреми за „нови и паметни” ракети во Сирија. Трамп на Твитер ѝ порача на Русија дека не би требало да биде партнер со „животното што ги убива со гас” своите луѓе и кое во тоа ужива.
Воената морнарица на Русија е во близина на брегот на Сирија каде спроведува воени вежби, пренесува руската агенција Интерфакс од меѓународното предупредување за авионскиот персонал (НОТАМ) и од предупредувањата за морнарите.