43.2 % од граѓаните би гласале „за” на претстојниот референдум, а 22 % „против” – покажува анкетата на Институтот за политички истражувања (ИПИС), каде координатор е политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Со ова ИПИС предвидува дека цензусот би се постигнал и референдумот би бил успешен.
Според анкетата спроведена помеѓу 6 и 10 август, само 22 % од испитаниците рекле дека ќе го бојкотираат референдумот, а 12 % одговориле дека не знаат како ќе гласаат.
Се забележува разлика помеѓу одговорите на етничките Македонци и етничките Албанци. Кај етничките Македонци само 32.4 % рекле дека ќе гласаат “за”, додека кај етничките Албанци “за” се дури 80.9 %. Интересно е тоа што кај етничките Македонци уште помалку – 26% рекле дека ќе гласаат “против”, а 27 % одговориле дека ќе бојкотираат.
Од етничките Албанци 10 % одговориле дека ќе гласаат “против”, а 1.9 % дека ќе бојкотираат.
ВМРО-ДПМНЕ кај партиите изби на чело
Резултатите на ИПИС покажуваат дека доколку следната недела се одржат парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ би победила со тесна разлика. За опозициската партија би гласале 23.2 % од граѓаните, додека за СДСМ би гласале 22.8 %.
Споредбата со анкетата направена пред еден месец покажува драстичен пад во рејтингот на СДСМ. Пред само еден месец за СДСМ ќе гласале 26 % од граѓаните, додека за ВМРО-ДПМНЕ 21.3 %.
Анкетата била спореведена врз 1,110 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија. Целта на истражувањата, велат од ИПИС, била да се анализира ефектот на договорот со Грција врз поддршката кон политичките партии.
Најавуваат следно (трето) истражување кое ќе биде спроведено и објавено на почеток на официјалната кампања за референдумот – кон средина на септември 2018 година.