Етничката припадност во однос на тоа како ќе се гласа на референдумот закажан за 30 септември и натаму е многу изразена – мнозинството Македонци се против Договорот со Грција за промена на името, а кај Албанците тој процент и во однос на договорот и членството во НАТО и ЕУ е многу поубедлив, над 90 отсто.
Се зголемува бројот на граѓаните кои се одлучиле за бојкот.
Анкетата на порталот “МКД.мк” и на агенцијата „Маркет вижн” покажува дека генерално 51.1 % од анкетираните граѓани имаат позитивен став, а 48.9 % одговориле „не/против”. Од тие 51.1 отсто, 10.2% сè уште не знаат дали ќе гласаат, а на гласање со глас „за” ќе излезат 40.3 %.
Според етничката припадност на референдумот 33.5 % од Македонците ќе заокружат „за”, а 66.5 % се „против”. Кај Албанците 95 % се „за”, а 5 % се „против”.
Истражувањето кое за МКД.мк го реализираше агенцијата „Маркет вижн” е спроведено телефонски од 29 август до 4 септември на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници од целата земја. Од нив 64.2% биле Македонци, 25.2% Албанци, 2.4% Турци, 3.5% Роми, 1.9% Срби…
На прашањето “Дали сте за членство на Македонија во НАТО?” високи проценти – 77,3 % одговориле со „да”, а 18.8 % одговорија со „не”. На ова прашање и етничката припадност не дава толку голема разлика како кај претходните прашања – за членство во НАТО се 70.6 % од Македонците и 95.4 % од Албанците.
Мнозинството македонски граѓани се против членството во НАТО со променето име и се против измени во Уставот ако е тоа дел од пакетот за промена на името. .
И на прашањето за тоа “Дали сте за членство на Македонија во ЕУ?”, 81.3 % од испитаниците одговориле позитивно, а негативен одговор дале само 15 %. И тука, и кај Македонците и кај Албанците висок е процентот за членството во ЕУ на Македонија – 95% кај Албанците и 76.4 % кај Македонците (19.7% се против, а кај Албанците 2.6 % се против).