Коалицијата ја загуби 40-тата по ред анкета на Newspoll, промената на лидерството не успеа да ја зајакне поддршката на гласачите.
Во првата двонеделна анкета од кога Скот Морисон го замени Малколм Турнбул на местото прајминистер на 24 август, коалицијата и понатаму бележи пад во анкетите на гласачите, кога станува збор за кого би гласале меѓу двете големи партии, а зад лабуристите заостануваа со 44 наспрема 56 отсто.
Оваа разлика беше помала при последните спроведени анкети, кога Тунрбул беше прајминистер, и изнесуваше 49 наспрема 51.
Резултатите од анкетите објавени во The Australian покажуваат дека примарната поддршка на владата пораснала за еден процент од 33 кон 34 отсто, но пораснала и поддршката за лабуристите на 42 отсто. Поранешниот прајминистер Тони Абот, еден од главните заговорници за промена на лидерството, рече дека владата се враќа на својот пат.
„Мислам дека ова денес е подобра влада отколку онаа што ја имавме пред само три недели и се радувам да и дадам целосна поддршка” – изјави тој.
Во меѓувреме, резултатите исто така покажуваат дека Скот Морисон е префериран прајминистер пред Бил Шортен со 42 наспрема 36 отсто. Над 40 проценти од гласачите се задоволни од Морисон, додека 39 отсто се незадоволни, покажуваат резултатите од анкетата.
Според резултатите на анкетата од работата на Шортен, задоволни се 37 отсто од гласачите, додека 51 отсто од нив не се задоволни. Примарната поддршка на гласачите на Зелените останува на 10 отсто, додека партијата One Nation изгуби процент и сега е на 6 отсто. Анкетата опфати 1,653 гласачи, а спроведена е на 6 и 9 септември.