Завршниот – ажурираниот Избирачки список по проверка на базите на институциите: МВР, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за труд и социјална политика, УЈП и други државни институции треба да се биде објавен на 17 април за предвремените избори кои треба да се одржат на 5 јуни.
Полни раце работа ќе има Државната изборна комисија (ДИК) при прочистувањето на избирачкиот список, доколку се суди според податоците на веб-апликацијата ( http://izbirackispisok.gov.mk ) за проверка на листата на гласачи која ДИК ја објави минатата седмица. Преку оваа апликација на адресата граѓаните со внесување име и презиме, адреса или матичен број можат да проверат дали се запишани во избирачкиот список и на кое гласачко место гласаат во својата општина.
Откако се постави апликацијата за проверка социјалните мрежи се преплавија со реакции околу податоците во Избирачкиот список. Починати, иселени и „фантомски” излегоа на површина, иако таму стои дека податоците се ажурирани до 1 декември 2015 година.
Балканската истражувачка мрежа БИРН веднаш го пронајде името на лицето Аднан Садики кој, баран преку Интерпол, го сменил името во Аријан Алиу и кој починал пред една година во Скопје. Починатиот Алиу е заведен дека живее на улицата Антон Попов 3, број кој на терен не постои.
На адресата „Васил Ѓоргов” број 24 во Скопје, во станот број 27, кој според сведоштвата на соседите е напуштен со години, се впишани дека живеат, а со тоа имаат и право на глас 30 гласачи.
Слична е ситуацијата и со гласачите на улицата „Максим Горки” број 11, стан број 2. Во овој стан се впишани дека живеат дури 66 гласачи. Напуштената куќа во центарот на Скопје беше актуелна и за изборите во 2013 година, кога во јавноста се открија „фантомските” гласачи со место на живеење и право на гласање во куќа каде што околу една деценија не живее никој.
Исто како и за време на изборите во 2013 година, на улицата „Киро Крстевски Платник” број 11, во станот број 3 се запишани 33 станари, иако во станот живеат две лица, како што изјавил и самиот сопственик на станот пред речиси 3 години. Тој тогаш рече дека знае дека во избирачкиот список на неговата адреса се впишани триесетина гласачи, но дека не реагирал никаде.
Освен ова, на списокот кој ѝ беше даден на увид на јавноста, можат да се видат голем број впишани гласачи на адресата „Димче Мирчев” 8 и „Димче Мирчев” 4, но нема податок за влезот и за станот во кој живеат овие лица.
Прочистувањето на избирачкиот список беше една од клучните точки од Договорот од Пржино. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ стоеја на ставот дека списокот може да се прочисти дури и доколку изборите се одржат на 24 април, на што жестоко се противеше опозициската СДСМ. Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски беше на ставот дека се потребни три до четири месеци за да може да се каже дека Македонија има избирачки список во кој граѓаните можат да веруваат.
ВКРСТУВАЊЕТО ЗАВРШИ, НА РЕД Е ТЕРЕНСКАТА ПРОВЕРКА
Kако што е познато, ДИK направи вкрстување на списокот на државјани од МВР со базите на 10 други институции (Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Управата за водење матични книги, Министерството за земјоделство, Министерството за труд и социјална политика, Централниот регистар на Република Македонија, Народната банка и Управата за јавни приходи).
Оваа седмица треба да се подготви и да почне теренската проверка на сомнителните податоци. Починатите ќе се бришат од Избирачкиот список,а оние кои за кои ќе се потврди дека се иселени, според изворите од ДИK, ќе бидат префрлени на списокот од дијаспората.
Правото за гласање нема да го загуби ниеден државјанин на РМ.
