Во организација на МЛД Кочо Рацин, минатава сабота во библиотеката во Мил Парк, се одржа промоција на книгата “Another way of living”, – “Да се живее поинаку” од д-р Снежана Џамбазова Попорданоска.
Во последните неколку години ова друштво мошне успешно и активно работи на промоција на македонската литература од самите членови кои претежно објавуваат романи, раскази, поезија, научно историски записи, легенди и се заложија нивните книги исто така да бидат каталогизирани во библиотеките во Викторија. Овојпат на големо задоволство промовираа книга од ценетата авторка, Снежана Џамбазова Попорданоска која работи и како психолог во Мелбурн. На почетокот на промоцијата Гордана Димовска кажа: “Денес со особена радост ќе презентираме нешто ново, дело од поинаков вид, книга со препораки за животот толку многу потребни за секој од нас. Секоја книга е извор на знаење, извор на мудрост каде авторот става свој печат и пренесува нови искуства, информации, пораки до читателот. И оваа книга има посебна цел, и промовирајќи ја денес, сакаме да стигне до секој оној кој сака бесконечен мир, радост и вистинска слобода како што стои и на насловната страна.”
Авторката Попорданоска прочита дел од нејзината книга што беше многу интересно за публиката.
Книгата Another Way of Living содржи одговори на најзначајните прашања од животот, проткаени со оригинални поетски творби поврзани со овие прашања. Исто така, книгата содржи практични совети и стратегии за тоа како да се надмине емоционалната болка и страдањето, а воедно и да се открие вистинското богатство што лежи длабоко скриено во нас самите.
Инаку во својата работа како советник, д-р Снежана им помага на луѓето да го пронајдат сопствениот пат кон просветлувањето, кој се постигнува со себе-спознавање и внатрешен развој на љубовта. Овој пат кон нашето внатрешно богатство е отворен за сите оние кои ќе одберат да го чекорат.
Потоа следуваше излагањето на Емил Попорданоски кој ја проткаи книгата со своја поезија. На овој ден тој ја прочита поемата Ти и јас.
Успешни презентации во кои уживаа присутните после што следуваше и закуска и потпишување на книгата која можеше да се купи од авторката Попорданоска.
Г. Д.


